Атенборо, Ханс Цимер и раперот Дејв направија специјално издание на „Planet Earth“ со заедничка музика

BBC One ги собра Сер Дејвид Атенборо, светски познатиот композитор Ханс Цимер и наградуваниот рапер Дејв за заедничка соработка – визуелна и музичка гозба дизајнирана да го подобри расположението на гледачите во време на меѓународна неизвесност.

„Планета Земја: Прослава“ (Planet Earth: A Celebration) ќе ги носи гледачите на возбудливо патување кон најлудите места на земјата, користејќи осум од најнеобичните секвенци од досегашните наградувани делови од најгледаната документарна серија за природна историја во последните петнаесет години.

Гледачите ќе патуаат низ целиот свет, од Јужна Африка до Норвешка, од Чиле до Индискиот Океан, за да видат како животните ја надминуваат несреќата за да преживеат и напредуваат во некои од најпредизвикувачките средини на светот – нудејќи порака на надеж за човештвото.

Како придружба на овие снимки, кои во суштина не се нови, ќе биде и музиката на која работеа наградуваниот композитор Ханс Цимер, Џејкоб Шиа и тимот на „Bleeding Fingers“.

Во изведбата учествувал Концертниот оркестар на Би-Би-Си, во придружба на британскиот рапер Дејв, кој ќе биде претставен како настапува на пијано.

Специјалното издание ќе ги прикажува најмаркантните сцени како онаа со лавовите против жирафата, бркотницата помеѓу игуаната и змиите, но и делфините од Јужна Африка.

Според објавата на Цимер на неговиот Твитер профил, глобалната премиера ќе се случи на 31 август на  BBC America.