Асистивната технологија ѝ го промени животот на тинејџерката Вера

14-годишната Вера Апостоловска е девојка со церебрална парализа. Таа се соочува со проблеми со моториката, треморот и успорените, крути движења. Вера никогаш нема да може да пишува со своите раце, но благодарение на асистивната технологија и организацијата „Отворете ги прозорците“, таа денес е писмена девојка. Редовно ја посетува наставата во училиштето, ги извршува домашните задачи и еднакво е вклучена во образованието заедно со своите врсници.

„Со асистивната технологија, мојата ќерка стана писмена и образована личност, која преку Интернетот и компјутерот осознава многу нови нешта. Таа сега е полна со самодоверба. Во училиште стана рамноправна со своите врсници, вклучена е во секојдневната настава и еднакво ги извршува задачите. Среќа што девојчето се роди во ова модерно општество со развиена технологија!“,вели мајката на Вера, Наѓенка Туторов-Апостоловска.

Е-пристапното образование и асистивната технологија им овозможува на луѓето со моторна попреченост да живеат независен и удобен живот со помош на компјутерот. Модерниот и инклузивен свет ги оспособува луѓето со хендикеп да се носат со предизвиците на 21 век и да придонесуваат за општеството во кое живеат. Сепак, во Македонија се уште голем број на основни училишта не се доволно пристапни за учениците со посебни образовни потреби ниту во физичка смисла, ниту во смисла на ресурсите со кои располагаат. Според истражувањата на „Отворете ги прозорците“, 80 проценти од училиштата имаат ученик со посебни образовни потреби, а само два процента од нив имаат асистивни уреди.

Мајката на Вера вели дека поминувала низ тешки денови додека ја запишала ќерка си во основно образование. Иако законите дозволуваат децата со блага попреченост да посетуваат редовна настава, во пракса не било така. Учителките се плашеле од преголема одговорност, не биле доволно обучени, не знаеле како да работат со дете со посебни образовни потреби и не биле спремни да го превземат тој предизвик.
„Голем предизвик беше на почетокот. Едвај го запишавме детето во градинка, па во основно образование. Сите пружаа отпор се додека не ја запознаа Вера. Таа ги пленеше луѓето околу себе со својата шармантност, мудрост и духовитост. Но не ги обвинувам, сето тоа беше од незнаење и недоволна обученост. Благодарение на трудот, сето тоа го надминавме.“, раскажува Апостоловска.

Денес Вера е тинејџерка со амбиција да стане работоспособен и самостоен човек. Нејзината мајка смета дека непреспаните ноќи, учејќи ги тешките лекции и преслушувајќи го наученото, се исплателе. Вера умее да работи на компјутер, пребарува на Интернет, се дружи, гледа спорт, сака мода како секоја девојка. Или, како што вели нејзината мајка, Вера денес живее.

Дина Ивановиќ, студентка на Високата школа за новинарство и односи со јавност