„Анонимните“ протестираа во центарот на Лондон

Неколку илјади антикапиталистички активисти демонстрираа низ центарот на Лондон, протестирајќи против „политичкото угнетување“, пренесе МИА.

Сите демонстранти на лицата носеа маски со ликот на Гај Фоукс и поминаа од централниот лондонски плоштад „Трафалгар“ до Парламент скверот, каде се наоѓа зградата на британскиот Парламент.

Синоќешните демонстрации беа дел од глобалниот протест „Марш на милион маски“ што го организира групата „Анонимни“.

Организаторите на лондонскиот протест соопштија дека тој се одржува против острите владини мерки за штедење и нарушувањето на правата на луѓето.

Во текот на маршот по улиците на Лондон демонстрантите извикуваа „има само едно решение – револуција“.

Некои од демонстрантите се обидоа на неколкупати да предизвикаат немири и пресметка со полицијата, но засега нема информации дека кој било е повреден. Полицијата соопшти дека биле уапсени шест лица за разни престапи, главно за насилничко однесување.

Групи демонстранти се упатија да протестираат пред Бакингамската Палата, која е службената резиденција на британската кралица, како и пред новиот телевизиски центар на Би-Би-Си во централниот дел на Лондон.

Извор: МИА