Анкета: Македонските граѓани гневни што нема правда, младите планираат иселување поради партизираноста и непотизмот

Гневни кон правосудството и со недоверба кон политичарите и партиите, македонските граѓани сметаат дека државата стагнира, а младите тежнеат кон емиграција. Ова се дел од главните заклучоци од социо-политичката анкета спроведена од Националниот демократски институт и Тим институтот во февруари и почетокот на март.

Резултатите од обемното истражување покажуваат дека за граѓаните најголемиот проблем се недостатокот на правда и криминалот и корупцијата, додека како втор приоритет ја издвојуваат економијата невработеноста и личниот стандард. Дури две третини од граѓаните се незадоволни од состојбата со владеењето на правото, а податоците покажуваат дека дури 90% од анкетираните се согласуваат на построги казни за корупција.

Од резултатите со фокус на младите заклучокот е дека постои ниска информираност за владините мерки наменети за нив, додека за состојбата со образованието испитаниците под 30 години како главни проблеми ја истакнале корупцијата, непотизмот, партизацијата, застарените програми, недостатокот на пракса, како и немањето контрола врз работата на професорите. Дел од нивните предлози за подобрување се модернизирање на наставата, повисоки критериуми за упис на факултет и поквалитетна пракса.

Во поглед на вработувањето, младите ја издвоиле партизираноста и непотизмот како главен проблем, а ги издвоиле и ниските плати како и барањето за задолжително работно искуство. Според одговорите, најголем дел од нив преферираат вработување во приватен сектор за избегнување на партиски притисоци и уцени, како и во големи компании поради постоење на правила и структура.

Запрашани за иселувањето, значаен дел од младите планираат да емигрираат во некоја од европските држави, додека помал дел од нив активно бараат работа. Како главни предуслови кои би ги задржале во С. Македонија ги посочиле вработување без непотизам и партиска книшка, подобрување на образованието и соодветна плата.

Истражувањето истовремено покажува стагнација во размислувањата на граѓаните за животот во Северна Македонија. Најголем број од испитаниците изјавиле дека нивниот живот останал ист во споредба со ситуацијата пред три години, додека се целосно поделени според тоа дали земјата се движи во правилна или погрешна насока, или пак стагнира.

Владеењето на правото е издвоено како главна причина за оние сметаат дека земјата назадува, додека покачувањето на минималната плата, подобрувањето на слободата на говор и НАТО интеграцијата се издвојуваат како причини за напредок. За оние кои сметаат дека земјата стагнира генералниот впечаток бил дека „само политичарите се менуваат, а земјата останува иста“.

Запрашани за приоритетите на следниот парламентарен состав, граѓаните сметаат дека пратениците треба да се фокусираат на економија, правда и намалување на иселувањето.

Според одговорите добиени од фокус групите во истражувањето, рускиот претседател Владимир Путин бил популарен кај македонските испитаници како пример за идеален светски политичар, додека косовскиот премиер Албин Курти бил популарен кај албанските учесници на фокус групите. Џастин Трудо, Ангела Меркел, Барак Обама и Реџеп Таип Ердоган исто така биле споменувани како идеални примери на светски политичари.

Од истражувањето се заклучува и дека перцепцијата на граѓаните е дека земјата остварила напредок во слободата на говорот и слободата на медиумите. Две третини од анкетираните изразиле задоволство со моменталното ниво на слобода. Сепак, неопределените гласачи сметаат дека и покрај порастот на слободата на медиумите сè уште е тешко да се идентификуваат објективни и независни вести.

Телевизијата и понатаму е главен извор на политички вести за 64% од граѓаните, додека 23% од нив се информираат преку социјалните медиуми.

Во истражувањето направена е репрезентативна анкета со 1212 испитаници, а за квалитативното истражување земени се ставовите од 131 учесник на 16 фокус групи.

Целосното истражување на македонски јазик може да го погледнете на следниов ЛИНК.