Анима Мунди: Во Вардариште се случува помор на мали кучиња, бараме итно да се прогласи карантин

Помор и епидемија на заразни болести меѓу младите заловени кучиња се случува во Вардариште, реагираат од Здружението Анима Мунди. Оттаму тврдат дека во стационарот се шири штенечак – болест од која во болка, гушење умираат над 90 отсто од заловените млади животни. Болеста не се пренесува на луѓе, ниту друг вид животни, но е фатална за млади кучиња.

Поради ова, Анима Мунди бара итно прогласување на карантин и забрана за внесување на нови животни, бидејќи како што велат, ќе бидат осудени на бавна и агонична смрт.

„Вардариште не смее да внесува мали животни зошто тие не ни можат да подложат на стерилизација, но тоа во континуитет го прави, а ваквите кучиња потоа сами умираат, на нив не се троши ни средство за еутаназија, во евиденција на стационарот влагаат како починати од природна смрт!

Ова е нехумано, поточно екстремно сурово, неприфатливо, скандалозно за град кој се залага за хуман третман на животните! Ги повикуваме новинарите да одат во Вардариште и ги снимат малите животни – ние одговорно тврдиме дека девет од десет кутриња умираат во страотни маки, се распаѓаат во стационарот!“, реагираат од Анима Мунди.

Тие го повикуваат Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, во својство на претседател на Националниот центар за контрола на болести, веднаш да интервенира и да го спречи понатамошното работење на овој стационар.

Тие информираат дека повеќе европски институции се запознаени за она што се случува во Вардариште и наскоро очекуваат нивни реакции и поддршка за негово затворање.