Здружението за заштита на животни „Анима Мунди“ покрена петиција со барање институциите да го забранат ритуалното колење на животните во Македонија.
Од здружението појаснуваат дека ритуалното колење, како практика, е спротивна на секој пропис за убивање животни, бидејќи во текот на овој тип колење животното не е под седативи или омамено, а тоа предизвикува стрес, страв и болка кај животните што е спротивно на одредбите од Законот за заштита и благосостојба на животните. Дополнително, тие реагираат на тоа што ритуалното колење е брутално и најчесто се одвива во јавност.
Од „Анима Мунди“ појаснуваат дека благосостојбата и заштитата на свесно суштество не смее никогаш да биде подредена на религиски барања или други традиции.
„Со поддршка на муслиманските сограѓани чувствителни на ваквото насилство, бараме без исклучок забрана на ритуално колење , како и мачење и убивање на животните во име на која било религија (пр. масовни колежи за време на христијанскиот празник Велигден кои секоја година ги осудуваме јавно и бараме да бидат забранети). Благосостојбата и заштитата на свесно суштество не смее никогаш да биде подредена на религиски барања или други традиции“, стои во соопштението од „Анима Мунди“.
Од здружението велат дека граѓаните мора да бидат заштитени, бидејќи некои од нив, дури и како потрошувачи, не сакаат да гледаат сцени на насилство и такви практики на јавни места, додека сметаат дека со оваа практика се нарушени и некои фундаментални уставни права.
„Еднаквоста на граѓаните е заснована во член 9 од Уставот на Република Македонија. Покрај тоа, член 16 предвидува дека: “Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата”.Мора и да се има на ум дека и муслиманските верски принципи велат дека животните треба да се третираат на сочувствителен и милостив начин. Денешните толкувања на овие чувства водат кон недвосмислено одбивање на практиката на ритуално колење од страна на многу муслимански и еврејски заедници, како и од страна на бројни муслимански заедници посветени на правата на животните и веганството. Затоа е неопходно да се препознае вистинскиот баланс помеѓу различните права кога е во прашање и благосостојбата на животните“, сметаат од „Анима Мунди“.
Петицијата, која од здружението најавуваат дека ќе ја достават до Владата и Собранието, може да се најде на следниов ЛИНК.