Анастасија Павловска: Инспирација за филмот ми беше „Скопска ситуација ‘98” од САФ

Анастасија Павловска е ученичка во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје, а воедно е и режисерка на краткометражниот документарец „Скопска ситуација ‘18“ кој премиерно ќе се прикажува на јубилејното, десетто, издание на „МакеДокс“.

Таа е дел од втората генерација на „Докуникулци“ – младинската филмска академија на фестивалот. Проекцијата на филмот ќе се одржи во сабота на 24 август во 19 часот. Но, претходно Анастасија открива детали за неа и нејзиниот филм во краток разговор со Радио МОФ. 

Анастасија Павловска

Што според тебе е класична скопска ситуација?

Според мене класична скопска ситуација е седнување на пијачка со пријателите, зборење за сите проблеми што ги имаме во државава, расправање со саати, плаќање на сметка, станување и продолжување со водење на истиот живот кој ти смета, во истиот системот кој ти смета, на чело со истите луѓето кои ти сметаат.

Која е темата на филмот?

Темата на филмот е општеството и системот во кој живееме преку очите на еден седумнаесет годишен човек. Што значи да се расте и живее во општество каде што има недостаток на морални вредности, а лагата и политичките пропаганди  се секојдневно сервирани на чинијата на народот.

Која е твојата улога во создавањето на филмот?

Јас сум режисер на филмот, пресериозно звучи ова. Моја беше првичната идеја, но не можам да ја земам целата заслуга околу режирањето, бидејќи имав огромна помош од Леа Димитрова, која работеше на монтажата.

Од каде црпевте инспирација за создавање на ваков филм?

Инспирација за „Скопска ситуација ‘18”  е песната „Скопска ситуација ‘98” од САФ.  Текстот на песната, но и нашето секојдневие, беа движечката сила на целиот концепт на филмот.

Кој беше најинтересниот момент за снимање?

Имаше повеќе такви моменти и секој од екипа си има свој, но за мене најинтересно беше снимањето со Гоце САФ, бидејќи сум огромен фан, а тој со неговото искуство имаше што да каже и снимањето помина лесно.

Што претставува „МакеДокс“ за тебе?

Нешто незаменливо. Преку фестивалот во период од две години се стекнав со знаења не само за филмската уметност и создавањето документарен филм, туку и за животот, како и пријателствата, чии позитивни влијанија врз мене ги приметувам секојдневно.

Што им порачуваш на љубителите на филмската уметност?

Да дојдат на десеттото издание на „МакеДокс“.

Стефан Митиќ