Анализа: Пандемијата со несразмерно поголемо негативно влијание врз жените и кај возрасните групи

По затворањето на училиштата и градинките, веројатноста мајките да ја преземат улогата на главна негувателка е 70 проценти поголема отколку кај татковците, се вели во анализата за влијанието на пандемијата КОВИД-19 врз родот и различностите, поддржана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје која беше презентирана заедно со Министерството за труд и социјална политика по повод Меѓународниот ден на жената.

Анализата од авторката д-р Марија Ристеска од Центарот за истражување и креирање политики, покажува дека пандемијата и одговорот на истата имале несразмерно поголемо негативно влијание врз жените во сите области и кај сите возрасни групи.

Во тој контекст, велат од Мисијата на ОБСЕ, веројатноста жените да работат во сектори кои беа затворени за време на пандемијата е поголема отколку кај мажите.

„Доколку не биде соодветно адресирана од насочени владини политики, кризата создадена од пандемијата КОВИД-19 дополнително може да ги зголеми нееднаквоста, исклучувањето и дискриминацијата. Жените општо и ранливите групи како што се Ромите, самохраните мајки, лицата со попреченост и особено руралните жени се најпогодени “, рече Клеменс Која, Шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје за време на онлајн презентацијата.

Во анализата, меѓу другото, стои дека до 21 јули 2020 година, во земјата се пријавени 9.513 потврдени случаи на КОВИД-19 и 440 смртни случаи. Од вкупниот број на потврдени случаи, 4.798 се жени и 4.715 се мажи.

„Иако инциденцата на заразени со вирусот е повисока кај жените, поголем е бројот на смртни случаи кај мажите. Од 440 пријавени смртни случаи од ковид-19, животите ги загубиле 278 мажи, споредено со 162 жени . Во 10 градови кои се сортирани според најголемата кумулативна инциденца меѓу жените, Свети Николе и Штип се на врвот на листата. Особено високата инциденца кај жените во овие градови се поврзува со текстилната индустрија каде беа откриени голем број жени кои се позитивни на вирусот“, стои во анализата.

Во неа се истакнува и дека покрај тоа што државата има обврска според Конвенцијата за правата на лицата со попреченост да води евиденција за лицата со попреченост, државните органи не располагаат со евиденција или информации за бројот на заразени и/или излечени граѓани кои имаат попреченост.

Префрлањето на образовните активности да се одвиваат онлајн создаде дополнително оптоварување за момчињата и девојчињата со попреченост, поради што во практиката, имало отстапување од членот 2434 во согласност со членовите 5 и 335 од Конвенцијата.

„На пример, образовните активности на ТВ не беа приспособени и ставени на располагање во разни погодни формати за момчињата и девојчињата со попреченост со различен тип на нарушувања. Покрај тоа, децата со попреченост кои посетуваа специјални училишта не беа опфатени со некои од мерките за пандемијата за време на училишната година, во периодот од 10 март до 10 јуни 2020 година“, се вели во анализата.

Во поглед на ограничувањето на слободата на движење, заедно со неколку други мерки како што се -ослободување од работа поради грижа за децата, сериозно влијаеше на капацитетот на институциите каде, главно, работат жени (односно центрите за социјална работа, локалните услужни служби итн.) и со тоа се ограничи и пристапот до услугите.

„Некои од овие ограничувања сериозно влијаат на здравствените и репродуктивните права на жените и освен за породување, сите останати услуги (од стоматолог до абортус) не се сметаа за итни и истите не се обезбедуваа“, се вели во анализата.

Анализата на мерките усвоени од Владата за ублажување на последиците од КОВИД-19 покажува дека родовата перспектива само спорадично е земена предвид, или само во исклучителни случаи. Иако сите мерки имаат родова димензија и неизбежно и различни импликации за жените и мажите, процената покажува дека родовата перспектива е позастапена кај некои за разлика од други мерки.

Од 46 анализирани мерки во врска со кризата со КОВИД-19, кои може да имаат родова димензија, само 14 од нив може да се смета дека се родово позитивни, а 2 се родово трансформативни, а тоа е само 35 % од сите мерки.

„Тоа значи дека повеќето мерки се родово неутрални. Според EIGE, родово неутрално законодавство е ‘законодавство кое е напишано со универзална терминологија, каде се игнорираат конкретни родови ситуации и релации на моќ меѓу жените и мажите со кои се поткрепува дискриминација врз основа на пол и род, вклучувајќи и родово базирано насилство врз жени’. Оттаму, неопходно е да се преиспитаат родово неутралните закони кои на ист начин постапуваат со жените и мажите за да се оцени дали тоа ќе ја попречи или забрза родовата еднаквост и ќе придонесе за отстранување на дискриминацијата врз основа на пол и род“, се вели во анализата.

Министерката за труд и социјала Јагода Шахпаска на презентацијата рече дека, согласно надлежностите на министерството, тоа придонело мерките кои се креираат за справување со штетните последици од пандемијата со КОВИД-19 покрај другото да бидат насочени кон ранливите групи на граѓани и истите да бидат родово сензитивни.

„Предизвик е сите заедно да се посветиме на промена и прилагодување на целото општество кон новата реалност.  Овој настан треба да претставува мотив и започнување на  консултативен процес за нови законски решенија и нови мерки кои ќе ги таргетираат најпогодените групи, жените жртви на насилство, лицата со попреченост, повозрасните лица како и да помогнат во трансформација на економијата”, истакна министерката Шахпаска.

Таа вели дека во завршна фаза е подготовката на нови законски решенија за родова еднаквост и за мобинг, кои ќе обезбедат дополнително унапредување на еднаквоста во општеството.

Министерката посочи дека и во време на најголема криза, жените ја покажале својата сила и бестрашност и беа во првите борбени редови против пандемијата, претставувајќи го најголемиот дел од здравствените работници.

Анализата за родот и различноста е развиена заедно со Центарот за истражување и креирање поликити и граѓанските организации Радар, Полио Плус, Рурална коалиција и Националната мрежа против насилството врз жените и семејно насилство.

Б.Ш.