[Анализа] Како функционира пропагандата во Македонија

Спинување, заокружување, извртување на факти, повторување тенденциозни вести, генерирање омраза, заговори, дефокусирање на јавноста… Листата е долга. Пропагандната машинерија функционира на различни начини, употребувајќи разни инструменти. Освен прашањето од каде доаѓа и за што служи пропагандата, новинари и медиумски експерти за Радио МОФ анализираат колку таа е поврзана и со поширокиот општествен и политички контекст, со состојбата во новинарството, и дали повеќе медиумски писмени и критички свесни граѓани значат и помала можност за „провев“ на пропаганда.

Тамара Чаусидис, претседателка на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и уредник во БИРН Македонија, смета дека медиумите се клучни. Без нив нема ширење на пропагандата. Таа најчесто доаѓа од еден центар, но со време самите медиуми особено амбициозните уредници не само што ја шират, вели Чаусидис, туку и ја произведуваат пропагандата.

Умешноста на фабрикување лаги, иницирање и спроведување кампањи против неистомисленици е еден од критериумите за влегување во кругот на доверба со носителите на моќта. Некои не само што се во кругот туку се и рамноправни. Оттаму тие срамни дијалози што ги слушавме во ’бомбите’ кои говорат за еден присен, личен однос на доверба и почитување на главни уредници со носителите на високи функции, нарачување прилози и слично“, вели Чаусидис за Радио МОФ.

Прашањето кои се инструментите и начините зa пропаганда е прилично опширно. Кога говориме за пропаганда, нагласува таа, ние всушност говориме за фабрикување на лажни информации кои служат за подобрување на сликата за одредена група или влошување на сликата во јавноста за друга група или личност.

Тамара Чаусидис

Тамара Чаусидис

Е сега, како тоа се прави бара посебна елаборација. Некаква вивисекција на методите би покажала дека –  една од карактеристиките на пропагандата е да се искористат делумни факти и тие креативно да се надоградат со невистини. Никогаш или ретко во јавноста се кажуваат чисти лаги. Обично се оди со некој податок кој е лесно проверлив, па се збогатува со податоци кои се измислени. Затоа делуваат, барем на обичниот граѓанин реални и вистинити. Потоа, многу е важна застапеноста. Еднаш кажана лага нема таков ефект како лага мултиплицирана низ повеќе медиуми. Затоа и имаме ситуација еден ист текст, со ист наслов, исти изјави да оди на повеќе медиуми во ударни термини. Тоа е позната максима – илјада пати повторена лага се перципира како вистина. Но за сето тоа да биде можно потребно е медиумите да бидат контролирани и координирани“, наведува претседателката на ССНМ.

Потврдува дека се употребуваат дискриминаторски практики, заговори, спинување и дефокусирање на јавноста. На прашањето колку, Чаусидис кратко одговара – „многу!“. Дополнува, пропагандата не е наша измислица. Секоја влада и секоја владеачка гарнитура многу би сакала да ја искористи.

Разликите се само во демократскиот капацитет на државите/јавноста/институциите, ако сакаш на демократската култура на една земја, па оттаму и во степенот на присуство на пропагандата во јавноста преку медиумите.

Но, кога велам дека секоја влада сака да ја искористи не сакам да ја релативизирам страшната ситуација кај нас. Имено, проблемот на пропагандата е што таа во својата природа има вграден императив да се зголемува, да опфаќа што поголем дел од населението, да се наметне како доминантен дискурс во јавноста. Доколку престане да биде алчна доколку се задоволи со малку – таа со време станува разобличена и напуштена. Оттаму тој императив. Крајните консеквенци на пропагандата ја имате во Орвеловата ’1984’. За што служи? За одржување на власт, за задржување на статус кво, за замолкнување на критиката, опонентите, за неодговорност во постапките…“, потенцира уредничката на БИРН Македонија.

Orwell

За Чаусидис, пропагандата е апсолутно поврзана и со медиумската писменост. Без оглед  на пионерските обиди за зголемување на медиумската писменост, смета таа, како општество, но и како професија новинарството потфрли. Односно „дозволивме јавноста изложена на пропаганда веќе да не прави разлика меѓу новинарски производ и фејсбук статус или ноторна лага“.

Во однос на начините за спречување и демонтирање на пропагандната машинерија, прво, подвлекува Чаусидис, мора да се разбре дека кога имате институционализирана пропагандна машинерија и окупирани медиуми тоа воопшто не е лесна задача, која не е како на филм со предодреден хепиенд.

Но исто така одговорот е јасен – против пропагандата мора да се борите. Јас често велам дека нашата борба со пропагандата започнува во моментот кога го пишуваме текстот! Со секој добар професионален текст – ние се бориме, одземаме едно парче од темнината и покажуваме дека новинарството не е пропаганда. И дека сме на страната на професијата“, констатира Чаусидис.

За Горан Лефков, новинар на Центарот за истражувачко новинарство, СКУП Македонија, пропагандата во Македонија започнала кога, како што вели, владеачките партии ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ финансиски ги уништуваа медиумите. Според него, прво им се закануваа на компаниите да не насочуваат пари за реклама кај критичките медиуми, испраќајки им инспекции доколку видат реклама на компанијата во критички медиум. Со оваа лоша практика, смета Лефков, финансиски ги убиле вистинските медиуми.

Горан Лефков

Структури во владејачките партии им наложуваа во кои маркетинг агенции да ги уплатат парите за раклами. Тие маркетинг агенции беа блиски до власта и сите пари за реклама ги насочуваа кон партиските медиуми на ВМРО-ДПМНЕ. Затоа и имаме слика во која 60 до 70% од парите за реклама завршуваат кај Сител, а над 90% во трите телевизии чии вести  се уредени од Центарот за кумуникации на ВМРО-ДПМНЕ или лично од Никола Груевски. Штетите од ваквите погубни политики на власта непроценливи. Нормалните медиуми ги намалија платите или отпуштаа паметни и чесни новинари. Благодарение на некои Фондации овие новинари ја задржаа својата професија како новинари. Вистинските новинари немаа доволно приходи за да преживеат и беа принудени да ја менуваат професијата. Истото го направија и со Македонската радио и телевизија, која наместо храм на вистинското новинарство ја претворија во памфлет за ширењето на пропагандата на партијата на Никола Груевски“, вели Лефков за Радио МОФ.

Паралелно со уништувањето на критичките медиуми и замолчувањето на вистинските новинари, Лефков смета дека режимот на владејачките партии создаваше веб-портали кои беа финансирани со пари од оф-шор дестинации како Белизе, а со цел, вели, фаворизирање на диктатурата на Никола Груевски.

Ваквите ‘медиуми’ се најлошите пренесувачи на пропагандистички памфлети, кои ги одвраќаа граѓаните од вистинските проблеми кои ги создаваше системот на владеење на Никола Груевски. Тие памфлети имаа со цел да спинуваат и да ја дефокусираат јавноста од вистинските криминални дејност и уништување на системот на владеење на правото

Таа пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ многу лесно продира кај медиумски непоткованите личности кои не успеваат да препознаат што е вистинска вест, а што е спинуван памфлет за дефокусирање од вистинските криминалии што ги прави власта на Никола Груевски. Немајќи друг избор, паметните и образованите граѓани се исклучија од домашните канали и се повеќе гледаат вести на независните Телма и 24 вести и се насочија кон странските канали како Discovery и National Geographic. За да го намали влијанието на овие канали кај македонската публика и да го запре вртоглавиот пад на гледаноста на националните телевизии, власта на Никола Груевски се обиде да ги исклучи овие телевизии од кабелските оператори, но неуспешно“, смета Лефков.

За новинарот, немањето на сопствена програма која ќе го привлече вниманието на домашната публика дирекно е поврзана со влијанието на политиката врз уништувањето на телевизиите во Македонија на тој начин што се издадени премногу концесии за национални телевизии. Маркетинг колачот во Македонија е 40 милиони евра, од овие 40 милиони евра, нагласува дека Сител зема повеќе од половината, за другите 9 национални телевизии им останува да поделат не повеќе од 10 милиони евра, што според него е премала сума за да може нормално да функционира една телевизија.

Само за споредба, Србија има 2 национални телевизии, Хрватска има 2 комерцијални национални телевизии, Бугарија има 3 национални комерцијални телевизии, Словенија има 2 тестрестријални телевизии. Маркетинг колачот во Србија е околу 400 милиони евра, во Словенија 500 милиони, додека во Хрватска е 600 милиони евра. Во соседна Бугарија во еден момент се споменуваше маркетинг колач од милијарда евра. Замислете сега една телевизија во соседните земји има приходи над 100 милиони евра, а во Македонија само по 1 милион евра. Тоа е причината зошто македонските телевизии немаат сопствена програма, а за да преживеат мораат да си ја ‘продадат’ уредувачката политика на Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ за да можат да преживеат. Затоа на Сител, Канал 5 и Алфа ќе гледаме едни исти прилози нарачани од нивните партиски ментори“, анализира Лефков.

Новинарот укажува и на друг индикатор за апсурдната состојба во медиумите  – сопственоста и сопствеништвото во медиумите. Во Македонија, вели, сопственици на телевизии се личности што се политичари и личности кои имаат некои политички амбиции.

Често сопственици на телевизии се ликови кои добиваат тендери кои се финансирани од народни пари, како Сеат Кочан или Љубислав Иванов Ѕинго. За разлика од кај нас во регионот има 2-3 медиумски компании како РТЛ, Алџезеира и ЦМЕ, за кои телевизискиот бизнис е во преден план, за разлика од нашите газди на телевизии кои ги имаат медиумите за да земаат тендери од власта“, забележува истражувачот од СКУП.

Долгогодишниот новинар и колумнист, Ѕвездан Георгиевски, се повикува на некогашниот главен уредник на „Ла Монд Дипломатик“, шпанскиот новинар Игнасио Рамоне, кој вели дека медиумите повеќе не ни се обраќаат за да ни пренесат објективни информации, туку за да го „освојат нашиот дух“. Оваа констатација, според Георгиевски, оди во духот на новата медиумска теорија која тврди дека денес медиумите не произведуваат јавност, туку потрошувачи на одредени производи. Или поточно, нагласува новинарот, тие ги произведуваат потребите и желбите на нивните конзументи (читатели/гледачи).

Ѕвездан Георгиевски

Ѕвездан Георгиевски

Оваа пропагандистичка улога на медиумите може да биде повеќе или помалку скриена или јавна, но во хибридни режими каков што е актуелниот македонски, таа е системска. Во услови на непостоење на економски пазар, овдешните медиуми работат на продажба на производите на политичкиот пазар. А интересите на политичкиот центар на моќ речиси никогаш не се и интереси на јавноста. Напротив, тие се сосема спротивни. Со други зборови, она од што некогаш најмногу се гадеше новинарскиот занает, од платеничката политичка пропаганда, сега станува основен услов за занимавање со оваа професија. На овој начин се создава славната транзициска синергија меѓу медиумската, политичката и економската моќ, која, според законот на споени интереси, всушност функционира според принципите на кои е организирана мафијата. Со корупција и отстранување на конкурентите“, наведува Георгиевски за Радио МОФ.

Според новинарот, валканата улога што ја имаат медиумите во производството и продажбата на политичките интереси може да се види и преку најновите примери. Во предизборната кампања главна наметната тема беа таканаречената „федерализација“ и „двојазичност“, поткрепени со, како што вели, тешка националистичка и антиалбанска реторика.

Кога завршија изборите, со резултат со каков што завршија, одеднаш антиалбанството го снема. Сега главна тема е анти-Сорос. Во првиот пример, лидерот на опозицијата беше платеник на ‘големоалбанската идеја’, сега е платеник на Сорос. Ова е само потврда на епохалниот пораз на новинарскиот еснаф – новинарството не ја креира агендата на јавноста, туку агендата на политичката моќ го креира новинарството.

„Најжално е дека денешните генерации новинари немаат ни сеќавање за одговорноста на новинарството во креирањето на демократијата. Ако пак ги погледнете комплетните медиумски содржини, тогаш лесно ќе дијагностицирате дека станува збор за успешен обид за затапување на граѓанството – таблоидни информации, евтини телевизиски сапуници, ријалити шоуа… Публика растена на вакви содржини дефинитивно лесно се манипулира. На овој начин многу лесно се стасува до максимата на идолот на овдешните протофашисти Јозеф Гебелс, кој вели: ‘Не зборуваме за да кажеме нешто, туку за да постигнеме одреден ефект’“, забележува Георгиевски.

 

За него, проблемот е системски, што значи дека и решението треба да биде системско. Меѓутоа, вели тој, до создавањето на системски услови за „чистење на дворот“ не преостанува ништо друго освен герила-новинарство, кое не мора по дифолт да биде опозициско, туку треба да биде „нормално“, зашто нормалноста е најголемата опозиција на „ненормалната“ власт.

Значи, користење на сите можности што ги дава интернетот, печатење фанзини, финансирање на сите можни легални начини (со избегнување на коруптивност, се разбира) и пред се’ самоорганизирање на она јадро новинари што се’ уште ги знае основните принципи на нивниот занает“, констатира Ѕвездан Георгиевски.

ПРОДОЛЖУВА

 

Бојан Шашевски