Анализа: 2021 Година на економско „заздравување“ – пандемијата губи „здив“

Светска банка за годинава предвидува економски раст од 3,5%, очекувањата на бизнис – експертската фела се дека растот ќе се движи околу 4%, а Владата проектираше раст нешто повисок од 4%, пишува „Порталб“. Пандемијата губи здив – економијата ќе почне да заздравува , но ризиците се се уште присутни. Дел од бизнис-секторите и натаму се борат за ликвидност и алармираат дека е потребна дополнителна државна помош.

Економијата ќе излезе од „негатива“ – има ли план за постковид периодот …

Во постковид периодот економијата ќе се соочи со вистинските последици од пандемијата – владините мерки за поддршка на приватниот сектор и на граѓаните помогнаа во ублажување на последиците од кризата, но следува период во кој ќе треба да се направи точен план и проекции како ќе се полни државната каса и како ќе се трошат пари за да се стабилизра вкупната состојба – велат економистите. Проекцијата за раст на економијата од околу 4 отсто е достижна со оглед на тоа што БДП веќе беше длабоко во минус. Следува период во кој ќе мора да се направи консолидација на јавните финансии.

„2021 ќе биде година на заздравување. Иако нема да биде постигнато пред пандемиското ниво на бруто домашниот производ, сепак, проекциите за економскиот раст се позитивни. Според Фајнанс Тинк, проекцијата за економскиот раст во 2021 година е 4.1%, но сепак со изразени ризици, затоа што вакцинацијата се пролонгира, а третиот бран зазеде голем замав, со што рестриктивните мерки се интензивираа. Истовремено, политичката нестабилност и одложувањето на донесување на петтиот пакет мерки за помош на бизнисите и граѓаните, дополнително ја зголемија неизвесноста. Освен домашните капацитети за управување со кризата, во значајна мера заздравувањето на економијата ќе биде движено и од глобалното заздравување, кое ќе влијае врз побарувачката“, вели економистот Благица Петрески.

Владата веќе го објави и “шестиот пакет на антикризни мерки“ со кој таргетира одредени бизнис-сектори. Според власта досегшните мерки помогнаа “минусот “ на БДП да биде “поблаг“, односно економијата да добие инфузија за да остане во живот.

„Согласно последните макроекономски и фискални движења и очекувањата во однос на меѓународното економско окружување, домашната економија е предвидено да се врати на патеката на економски раст во 2021 година и да ги надмине шоковите предизвикани од пандемијата“, изјави неодамна премиерот Зоран Заев.

Дека владините мерки кои се алиментирани со нови заеми помогнаа на приватниот сектор нотираше и Светска банка во еден од своите понови извештаи. Светска банка годинава за Македнија проектира економски раст од 3,5%. Дека ќе излеземе од “економската бездна“ очекуваат и економските аналитичари, но со помала “доза“ на оптимизам.

„Пролонгирањето на кризата и повторното воведување рестриктивни мерки за справување со вирусот, а со тоа и зголемување на неизвесноста и забавување на закрепнувањето на домашната економија, како и евентуално пониските увозни цени би можеле да доведат до пониска стапка на инфлација. Во поглед на економската активност, очекувањата на испитаниците упатуваат на понизок раст во 2021 година којшто ќе се движи околу 2,0% (наспроти растот од 3,0% во претходната анкета), за 2022 година очекувањата се во основа слични, со стапка на раст од 3,1% (3,3% во претходната анкета), додека за 2023 година испитаниците очекуваат стапка на раст од 3,3%“, се наведува во последната објавена анкета на Народната банка спроведена меѓу економски аналитичари.

Клучни фактори и ризици кои се уште демнат се продолжувањето на негативните ефекти од пандемијата на ковид-19, дополнителното воведување на заострени рестриктивни мерки, намалувањето на домашната побарувачка поради неизвесноста од пандемијата, воздржаноста на домашните и странските инвеститори, како и намалената странска побарувачка за домашни производи. Сепак од друга страна, аналитичарите очекуваат дека започнувањето на вакцинацијата дома и во странство, како и побрзото можно справување со корона-вирусот во глобални рамки, преземените монетарни и фискални мерки, започнувањето на преговорите за интеграција во ЕУ и враќањето на оптимизмот кај субјектите во економијата. Една од клучните позиции за побрзо закрепнување ќе биде и реализацијата на капиталните инвестиции.

Извор: Порталб.мк