АМС го формираше Советот за спорт, Војневска-Зикова избрана за претседателка

Денеска во Агенцијата за млади и спорт се одржа Конститутивна седница на Советот за спорт, надворешно тело задолжено за креирање на политики во областа на спортот и реализирање на програмски активности.

Советот е составен од седум членови: Александра Војневска – Зикова, Ванчо Димовски, Андријана Зафировска – Мисовска, Страшо Глигоров, Калач Руждија, Примислав Димовски и Милан Наумовски.

За претседател на Советот за спорт е избрана Александра Војневска – Зикова, позната атлетичарка и олимпијка.

Заложбата на Агенцијата за млади и спорт е да вклучи што поголем број на професионалци, искусни спортски работници кои со своите совети и работа можат да придонесат за развој на спортот во Македонија.

Вклученоста на жената – спортист е исто така меѓу приоритетите и работиме на поголема застапеност на жените во спортот и менаџирањето со федерациите.

Претседателката на Советот за спорт, Александра Војневска – Зикова се заблагодари за довербата и истакна дека Советот ќе работи тимски, ставајќи акцент на младинските категории и стратегиски пристап кон спортот.

Целта е успешните спортисти, по завршување на својата кариера да останат во спортот, како главни мотиватори и ментори на новите генерации.