„Амок радио“ – ново македонско онлајн радио за промоција на домашни и странски музичари

Амок радио“е  ново онлајн македонско радио, резултат на соработката помеѓу  DJ колективот „Oubli“,  културниот колектив „Скопски грув“ и „L’angolo Di caffe“. „Oubli“ и „Скопски грув“ се две екипи кои доаѓаат од различни делови на Скопје, а како што вели Бојан Јанев, еден од основачите на „Амок радио“ – интересот и пасијата за музика и желбата да се направи позитивна промена во градов била заедничка.

„Можеме да кажеме дека уште од сам старт си бевме фанови и поддржувачи едни на други, иако лично не се познававме. Неколку пати имаме заеднички пуштано, се имаме букирано меѓусебно на наши настани („Оубли“ – „Скопски Грув“) и за брзо време кликна. Оттогаш сме во постојана комуникација и беше само прашање на време кога ќе ги споиме силите и ќе дејствуваме заеднички. Целата таа дружба и соработка си дојде сосема природно а главна причина за тоа е посветеноста кон музиката, пасијата кон винилот и желбата за промена“, објаснува Јанев за Радио МОФ.

Планот за „Амок радио“ започнал минатата година, а првичната цел била отворање на бар и плочара, но со појавата на ковид-19 и згаснувањето на ноќниот живот и угостителството, екипите барале алтернативно решение.

Јанев истакнува дека како уметници кои заработуваат хонорарно, тие биле и сè уште се директно погодени финансиски.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Amok Radio (@amok.radio)

„Помали односно никакви приходи значеше помал буџет за реализирање на идејата но не сакавме туку така да се откажеме од истата. После неколку состаноци решивме да почнеме да бараме помал простор во кој што ќе почнеме онлајн радио (првичната идеја за барот беше понекогаш да функционира и како радио) и да ги донесеме плочите од веќе реномираната wax revival store“, вели Јанев, дополнувајќи дека првичната идеја била некој вид на изложбен салон каде што секој може да дојде, да разгледа и да ги преслуша плочите во продавницата, кои се достапни за продажба и онлајн.

Сепак, како што истакнува тој, идејата пред пандемијата во меѓувреме се транформирала.

Јанев ја опишува програмата на „Радио Амок“ како еклектична и шарена,  што всушност е отсликување и на субјективниот музички вкус на сите соработници во радиото.

„Секогаш ќе се трудиме да понудиме разнолична програма. Во буквална смисла, сè од блуз до техно. Од калипсо до њу бит, од хип-хоп до хаус. Единственото ограничување ни е квалитетот на музиката. Ако ви се слушаат денешните топ листи на поп хитови или актуелно бизнис техно од Миконос, сте ја утнале станицата. Покрај музика ќе може да слушнете и подкасти и дискусии. Планираме и работилници, онлајн семинари. Бендови и музичари од различен тип. Не сме 24 часовна музичка станица. Се гледаме како културно музички хаб каде што ќе бидат опфатени различни тематики, но сепак факт е дека доминира музиката во формат на 1 до 2 часовни ДЈ сетови и селекции од квалитетни домашни, регионални и интернационални музички ентузијасти“, вели тој.

Тој додава дека идејата е „Радио Амок“ да прерасне во етаблирано и почитувано андерграунд радио, кое се носи со најдобрите во Европа.

„Имаме сериозна мотивација и цели. Покрај радиото истотака сакаме да ја доведеме „Wax Revival Store“ на едно завидно ниво за балкански услови и да го вратиме винил форматот како медиум. Идејата за започнување сопствен лејбл сè уште ја немаме продискутирано, но е доста веројатен исход. Во текот на целиот процес сакаме да ја зајакнеме локалната сцена и да дадеме нов импулс за заеднички, сите ние, ги вратиме Скопје и Македонија на светската клабинг мапа“, истакна Јанев.

Сепак, објаснува тој, „Амок радио“ ќе опфаќа секаков тип на некомерцијална музика.

„Електронска, фанк, хип хоп. Диџеи, бендови, солисти – отворени сме за сè и за секого. Квалитетот и свежината се пресудни. „Амок“ е тука за сите домашни артисти, без разлика колку се познати, кои се или што се. Една од идеите меѓу другото е и да служиме како платформа преку која домашни артисти ќе можат полесно да допрат до пошироката македонска и интернационална публика. Нешто што ние и многу други не го имале. Така што, промовирањето на локалната сцена ни е во самата срж на постоењето и ги повикуваме сите кои што се се заинтересирани слободно да не исконтактираат или да наминат. Би биле пресреќни да слушнеме нешто свежо“, вели Јанев.

Во онлајн радиото ќе гостуваат музичари од сите краишта на светот, па Јанев вели дека по автоматизам „Амок“ цели кон светскиот пазар.

„Дури и во денешно време, со вртоглаво растечкиот развој на технологијата кој што ни овозможува лесна и брза комуникација, се различно од тоа би било нелогично. Веруваме во квалитетот на домашни музичари и сакаме да помогнеме во промовирање на македонската сцена надвор од нашите граници. Реално, мал пазар сме и треба да целиме кон повеќе. Но сето тоа е уште пред нас, штотуку почнавме“, надополнува тој.

И.С.