„АМАН“ се откажува од битката за поевтина струја

Уште едно разочарување за граѓаните кои очекуваа да поминат барањата на граѓанската иницијатива „АМАН“. И Уставниот суд ја одби иницијативата за враќање на евтината дневна тарифа за струјата. За социјалниот аспект на Тарифникот за електрична енергија донесен од Регулаторната комисија, треба да размислува Собранието и Владата, а на Регулаторот, се вели во образложението на Уставниот суд.

фото: А1ОН

фото: А1ОН

По осуммесечна битка со институциите, бирократијата и државата, на граѓаните им останува битката да ја вратат на улицата, но за тоа повеќе немаат сила, затоа што тие се помирија со ситуацијата, вели Александар Гочев од АМАН, во изјава за Радио Слободна Европа.

Со цел враќање на евтината струја, помеѓу останатите барања,  во текот на летото АМАН организираше низа протести. Подоцна беа собрани и 13 илјади потписи со кои се побара измена на законот за енергетика. Иницијативата влезе во Собрание и експресно беше одбиена.  Подоцна, од АМАН ја подржаа иницијативата за преиспитување на уставноста на одлуката за укинување на евтината струја до Уставен суд. И таа вчера беше одбиена.

Како единствена можност за иницирање на измени, сега останува распишувањето на Референдум, но за да се одржи прво треба да бидат собрани 150 илјади потписи. Но од АМАН веќе се уверени дека и референдумското изјаснување нема да направи промени.

„Со самото тоа што гледаме дека сите институции одат сихронизирано, референдумот ќе биде само еден неуспешен обид, значи ние ќе направиме еден референдум во обид со кој само ќе ја потрошиме енрегијата кај граѓаните, изјавува Гочев за Слободна Европа.