„Алекса“ му предложи на 10-годишно девојче да стави монета во приклучок за струја

Амазон го ажурираше својот гласовен асистент „Алекса“, откако му предложи на 10-годишно девојче да допре приклучок за струја со монета. Ова се случило откако девојчето побарало од Алекса „предизвик“ за да го направи, пренесува BBC.

„Приклучете го полначот за телефон на половина во ѕиден штекер, а потоа допрете монета на откриените делови“, предложил паметниот асистент. Сепак, девојчето било свесно за потенцијалната штета од овој предизвик и одбило да го направи. Нејзината мајка, пак, реши да раскаже за случајот на Твитер.

Од Амазон потоа соопштија дека ја поправиле грешката веднаш штом компанијата дознала за неа.

Опасната активност, позната како „предизвикот со монетата“, почна да циркулира на ТикТок и другите веб-страници на социјалните медиуми пред околу една година.

Металите спроведуваат струја и нивното вметнување во електрични приклучоци може да предизвика електричен удар, пожар и друга штета. Против т.н. предизвик се изјаснија и противпожарните службеници во САД.

Од Амазон изјавија за BBC дека ја ажурирале „Алекса“ за да спречат асистентот да препорача таква активност во иднина.

„Довербата на клиентите е во центарот на сè што правиме и Алекса е дизајнирана да обезбедува точни, релевантни и корисни информации за клиентите“, се вели во соопштението на Амазон.

„Штом дознавме за оваа грешка, презедовме брза акција за да ја поправиме“, додаваат од компанијата.