Alavux: Публиката може да намириса музичка измама

Визијата на српскиот продуцент на електронска музика Alavux е спојување на музичките правци – електро и техно во комбинација со необични звучни елементи. Alavux последните години живее и работи во Скопје, каде е водител на емисијата „Електромагнетни бранови“ на Радио МОФ. Има издавано за светски познати издавачки куќи, а неодамна излезе и неговиот прв самостоен албум „Phutura“, кој Alavux ќе го претстави на фестивалот за електронска музика „De:Sonanz“, кој ќе се одржи утре и задутре (26 и 27 септември) во Кинотека на Македонија и во „Сити хол центар“. Во интервју за Нова Македонија, Alavux зборува за неговата музика, состојбите на клупската сцена и претстојниот фестивал на кој ќе настапи.

Алавукс: Публиката може да намириса музичка измама
На фестивалот ќе го промовирате вашиот прв самостоен албум „Phutura“. Што може публиката да очекува? 
– Од албумот може да се очекува многу добар звук. „Phutura“ е чекор напред од класичното електро, т.н. технобас, електрофанк, или како и да го нарекуваат луѓето. Сеедно, звукот во овој случај отиде чекор напред, во смисла на симбиоза со други правци што потекнаа од него, како што се техно, асид, сегашната бас-музика, степ и слично. Албумот настана сосема спонтано, без никакви претензии за да помине кај народот, со многу аналогна опрема и употреба на дигитална технологија. Содржи 13 песни и три т.н. музички премини. Албумот се продава исклучиво електронски и во цеде-формат. Целото негово настанување траеше околу седум месеци.

Какви се вашите очекувања од фестивалот? Сметате ли дека македонската публика има добар слух за музика каква што создавате вие? И воопшто, дали кај нас има надеж за фестивалите од ваков ков? 
– Очекувам и двете вечери на фестивалот да бидат посетени. „Де: сонанц“ го следам четири години, секогаш е добро конципиран, има јасна цел, затоа и заслужува да биде посетен. Што се однесува до електромузиката, не знам како било претходно, ама мислам дека публиката не ја познава добро оваа музика, освен оние најпопуларните електросцени. Што се однесува до надежта, па секогаш се има надеж додека се верува и додека некој не очекува да се „збогати“ прекуноќ. Колку и да не е едуцирана, публиката секогаш ја намирисува измамата.

Бевте номиниран за најдобар продуцент на меѓународните награди „брејкспол“. Какво е чувството да се биде во конкуренција со толку звучни имиња од светот на електронската музика?
– Фактот што сум номиниран од толку многу уметници и диџеи значи дека има некој што ме следи и ме слуша. Од публиката, па до издавачките куќи, и тоа, секако, те мотивира да работиш уште повеќе и уште подобро. Особено ми е драго што покрај брејкс-продуценти, од годинава се вклучени и електропродуценти. Вистинската електросцена е доста мала, па затоа ова многу ни импонира, зашто тоа значи враќање на електросцената.

Целото интервју прочитајте го на веб-страницата на Нова Македонија.