Активистката за човекови права Луљета Алиу од Косово и Специјалната олимпијада на Македонија на ENGAGE 2019

Косовската активистка за човекови права Луљета Алиу и претставниците на Специјалната олимпијада на Македонија, Радован Петровиќ и Горјан Стојковски, се меѓу говорниците на осмото издание на ENGAGE – Kонференција за социјален активизам која ќе се одржи на 18 мај.

Со 10 говорници, 300 гости во публика и видео-пренос, ENGAGE и оваа година ќе обезбеди едукација, интеракција и инспирација за индивидуалци, групи и организации чија цел е да го подобрат општетството во кое живееме.

Алиу работела на истражувања поврзани со интернационални политики за безбедност, надворешна политика, геополитикa и социјална мобилизација. Нo, таа е и активен борец против родово базирано насилство. Нa ENGAGE доаѓа да зборува на темата: „Жените не се сопственост: Економското насилство како семејно насилство“.

Алиу е родена во Германија, а денес живее во Косово. Таа е докторанд по политички науки, а своите интердисциплинарни студии по политички науки, германска литература и интернационално право ги завршила на Универзитетот во Цирих, Швајцарија, каде го добила и својот мастер за меѓународни односи.

Лани во ноември, Алиу подготви и предложи амандман за Законот за семејство во Косово, наведувајќи одредби кои се однесуваат на заедничките права на сопственост во браковите, лобирајќи за рамноправност во домашната работа и вработувањето. Нејзиниот предлог-амандман беше изгласан и е во сила од јануари 2019 година. Сега, Алиу покрена иницијатива за измена на Законот за заштита од семејно насилство, поради што беа формирани работни средби во парламентарните тела. Младите, а особено жените, беа мотивирани и инспирирани од нејзиниот посветен активизам, храброст и издржливост во нејзината борба против домашното и институционалното насилство, како и сите видови кршење на човековите права. Лулета Алиу е, исто така, активна како политички аналитичар во неколку медиуми.

Радован и Горјан, пак, се другари, партнери во кошарка и членови на Специјална олимпијада на Македонија. Пред седум години обајцата немаа идеја дека нивната страст кон кошарката може толку силно да ги спои и да им овозможи заеднички да стигнат до олимписките игри во Лос Анџелес 2015 и Абу Даби 2019, едниот како јунифајд партнер и тренер, а другиот како атлет. Од олимпијадите се вратија побогати со медали, сребро и бронза, но и со незаборавни доживувања кои ќе ги паметат цел живот.

Радован, по професија е режисер и ова другарство за него е баш како филм на јаве, а за страсниот атлет Горјан, неговиот Рашо и целата кошаркарска екипа се шанса за дружење и уште еден добар кошаркарски меч, од кој резултатот е другарство, солидарност, еднаквост и инклузија.

Мотото на Специјална олимпијада е „Дозволи ми да победам но, ако не можам дозволи ми да бидам храбар во обидот“.

На ENGAGE доаѓаат како говорници на темата: „Инклузија преку спорт“.

Регистрацијата за настанот е отворена на овој ЛИНК, а можност за учество ќе имаат првите 200 пријавени учесници за конференцијата. Сите информации за ENGAGE можете да ги најдете на веб страницата на конференцијата engage.mk.

Во изминатите осум години ENGAGE стана еден од најголемите собири за поединци и заедници во нашата земја и тоа е единствениот настан за активизам кој е организиран континуирано секоја година. Настанот нуди место за дискусија, иновација, креативност, зајакнување и развој во нашето општество и отвора дебата за статусот на слободата, правдата и еднаквоста, човековите права, младинските прашања и развојот на модерната демократија.

Овогодинешниот ENGAGE е еден од серијата настани со кои ќе се одбележи 20 годишнината на Младински образовен форум. Конференцијата е поддржана од National Endowment for Democracy, а е организирана од Младински образовен форум и Радио МОФ.