Активистите незадоволни од пресудата за „Јавна Соба“, велат дека казнената политика е недоволна

Граѓанските организации членки на Платформата за родова еднаквост изразија незадоволство од разрешницата на случајот „Јавна Соба“, во која две лица добија по четири годишна казна затвор. Тие во соопштението до јавноста побараа Собранието итно да ги донесе измените на Кривичниот законик со кои кривично ќе се гонат сите форми на сексуално насилство.

Нивната реакција во продолжение ви ја пренесуваме во целост:

„Граѓанските организации го искажуваат своето длабоко незадоволство од разрешницата на случајот „Јавна соба“ во првостепената постапка. Со ваквата одлука, судот праќа порака дека казнената политика во државата е недоволна, несоодветна и нецелосна во однос на ваквите дела во коешто влегува делото од член 193-а од Кривичниот закон. Имено, законодавецот пропишал минимум казна од 5, односно од 8 години, а Судот одредува казна двојно пониска од утврдениот законски минимум. Уште повеќе, што ваквата казна е применета на организатори и креатори од чиишто дејствија понатаму илјадници сторители учествувале во организирано сексуално насилство во најразлични форми, а нивни жртви се огромен број на жени и девојчиња кои сè уште трпат последици од тие дејствија.

Знаеме дека Судот е независен и дека можеби ваквата реакција ќе се протолкува како влијание или притисок врз Судската власт, меѓутоа она што сакаме да го пратиме како порака е дека Судот по службена должност мора да води сметка и за специјалната и за генералната превенција; односно ,од една страна да се спречи сите останати да вршат вакви дела, а од друга страна, тој што сторил, да сфати дека сторил сериозно дело и истото да не се повтори. Оттука, сметаме дека пресудата е недоволна, несоодветна и нецелосна.

Правдата не е задоволена за илјадниците жени и девојки жртви на сексуално вознемирување кои со оваа пресуда не добиваат соодветна, загарантирана и долгорочна заштита и безбедност. Воедно и нагласуваме дека ова е само едно од извршените дела и ова се само двајца од илјадниците насилници кои учествуваа во организирано сексуално насилство врз жени и девојки во најразлични форми.

Членовите на групата „Јавна Соба“ овозможени од креаторот и администраторот сексуално вознемируваа илјадници жени и девојки на следниве начини:

-Неовластено споделуваа приватни фотографии и видеа со сексуална содржина од жени и девојки;

-Неовластено споделуваа приватни телефонски броеви од жени и девојки;

-Споделуваа невистините информации и гласини за жени и девојки;

-Ширеа говор на омраза кон жени и девојки;

-Ширеа говор на омраза и вршеа сексуално вознемирување врз жени и девојки Ромки;

-Повикуваа и поттикнуваа на силување на жени и девојки;

-Испраќаа приватни пораки и упатуваа телефонски повици со сексуална вознемирувачка содржина до жени и девојки;

-Го нарушија угледот на илјадници жени и девојки;

-Ја загрозија безбедноста и благосостојбата на илјадници жени и девојки;

-Дистрибуираа детски порнографски материјал;

-Овозможија, поттикна и учествуваа во креирање на дополнителни групи на социјалните мрежи во кои повторно ги вршеа горенаведените дела.

За сето ова говорат и анализите на мобилните уреди на обвинетите кадее наведено дека се најдени повеќе од 100.000 фотографии и видеа со сексуална порнографска содржина:

„Од анализата на податоците, судот утврдил дека во телефонот на Костовски биле пронајдени 524 записи од чет комуникации, како и 102.539 фотографии и видеа со сексуално порнографска содржина.“[1]

„Од анализата на телефонот марка ‘Ајфон’, сопственост на обвинетиот Михаил Пановски, Судот утврди дека се пронајдени 418 записи од чет комуникации и 17.891 податоци, фотографии и видеа, потврдени од сведок Славко Славевски кој ја изготвил анализата на екстрахираните податоци од мобилните телефони на обвинетите“, се вели во пресудата.“[2]

Стотици илјади жени и девојки, граѓанки на РС Македонија беа жртви на сексуално насилство во групата „Јавна соба“ на Телеграм.

Кривичниот законик на РСМ сѐ уште не го третира и санкционира делото сексуално вознемирување, како во јавниот простор така и онлајн, со што системски е оневозможена заштитата на жените и девојките од сексуално насилство. Воедно би сакале да нагласиме дека во согласност со Истанбулската конвенција, која стапи на сила во РС Македонија во јуни 2018, сите релевантни институции кои треба или требало да постапат во овој случај се должни да го применат принципот на должно внимание.

Со измените и дополнувањата предвидени во Кривичниот законик, за кои започна јавна расправа во Собранието во декември 2021, сексуалното вознемирување е предвидено да се дефинира како кривично дело.

Како Платформа за родова еднаквост бараме:

-Итно изгласување на измените во Кривичниот законик заради целосна хармонизација со Истанбулската Конвенција;

-Итна промена на Законот за кривична постапка и негова целосна синхронизација со Истанбулската Конвенција;

-Започнување истрага и разрешување на случајот со ФБ групата во која сексуално беа вознемирувани жени Ромки;

– Постапување со должно внимание, темелни и целосни истраги и законито, објективно и непристрасно водење на постапките од страна на сите институции и органи надлежни за спроведување на кривичен прогон и заштита на жртвите на вакви кривични дела (полициските службеници, јавни обвинители, судии) по пријава на која било форма на сексуално насилство;

-Соодветна едукација и родова сензибилизација на судиите, адвокатите и јавните обвинители при постапување во случаи на сексуално насилство;

-Целосно и реално уживање на загарантираната законска заштита што жените и девојките ја имаат во Македонија“, стои во реакцијата на Платформата за родова еднаквост.