Актерот Леонардо ди Каприо упати апел за заштита на балканските реки од хидроцентрали

Реката Вјоса во Албанија е една од последните големи диви реки во Европа, на која и се закануваше изградба на хидроцентрала. Но, по бројните реакции, албанскиот премиер објави дека проектот е одбиен, а најави дека областа ќе стане национален парк.

Оваа одлука вчера ја пофали холивудскиот актер Леонардо ди Каприо на својот Инстаграм профил, кој претходно силно се спротивстави на изградбата на хидроцентрала и уништување на реката.

Воедно, тој ја повика и владата на Босна и Херцеговина да преземе законски чекори за заштита на нивните реки од изградба на хидроцентрали.

„Очекувам добра вест за конкретни активности за трајна и целосна заштита на реките во Босна и Херцеговина, Албанија и остатокот од ‘Синото срце“ на балканскиот регион“, напиша актерот во објавата.

Неговата поддршка доби позитивни реакции од активистите на „Да го спасиме синото срце на Европа“, кампања која ја покренаа организациите ЕуроНатур и Ривервоч, со цел да се заштитат последните диви реки во Европа од изградба на хидроцентрали.