Актерката Милица Стојановска е лауретка на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

Актерката Милица Стојановска е лауретката на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, која ја доделува Друштвото на филмските професионалци на Македонија, беше објавено на вчерашната прес – конференција посветена на 39. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.

Игор Иванов Изи рече дека ова е реалативно нова награда и во ДФПМ се согласиле дека  никако не треба да се доделува постхумно.

„Годинава наградата ја доделуваме на една легендарна филмска актерка која се појавува во филмовите на Кирил Ценевски, Милчо Манчевски, Столе Попов. Може да ја видите во „Исправи се Делфина“, „Среќна нова 49“, „Пред дождот“, “Оловна бригада“, пред некоја година во „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски и во краткиот филм „Види ја ти неа“ што доби награда на фестивалот во Санденс. Во 60-годишната професионална актерска кариера, 86-годишната Стојанова имала стотици театарски улоги, како и значаен број филмски и телевизиски, а најчесто играла лик на мајка, рече режисерот Игор Иванов-Изи, претседател на ДФПМ.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ досега ја имаат добиено Сајмон Пери, Кирил Ценевски, Милчо Манчевски и Дарко Марковиќ. Иванов рече дека тоа што Стојанова немала главни улоги во филмовите се должи на положбата на жената во целата македонска кинематографија, особено кога била во своите најдобри години.

„За жал, нашите филмови се 90 отсто со историска тематика каде мажите водат некакви војни, а жените, според сценаријата, се приморани да бидат мајки или некакви за жалење теткички. Но Милица Стојанова има остварено многу улоги и сите тие се значајни. Тоа што оваа македонска дива ќе биде со нас во Битола на 86-годишна возраст по 60 години присуство на филмското платно е голема работа“, истакна Иванов.

Гена Теодосиевска, директорката на ИФФК „Браќа Манаки“ рече дека фестивалот поминува низ интензивен период на подготовки.

„Во различните филмски програми имаме вкупно 95 наслови, имаме филмови од големи продукции селектирани на најголемите и најпознатите светски филмски фестивали, но и оние квалитетни уметнички продукции коишто може да се најдат на помалите филмски фестивали во Европа и светот.

39 издание на Фестивалот ќе биде отворен  светска премиера на најновиот краток филм, „Љубовникот“ во режија на Игор Иванов Изи. А веднаш потоа, во чест на добитникот на Златната камера 300 за животно дело, кинематограферот Роџер Дикинс, ќе биде прикажан филмот „Истребувач 2049“. Во чест на филмската дива Клаудија Кардинале, надвор од официјалната конкуренција  ќе биде прикажан нејзиниот најнов филм  „Благородни лаги“, продукција на Поло Роси, покрај продуцентот во Битола ќе пристигне и една млада актерска екипа од овој филм.

Оваа година почина нашиот лауреат од 2016 година, кинематограферот Роби Милер и во негова чест ќе биде прикажан документарниот филм за него, кој пред неколку денови ја имаше светскта премиера во Венеција, а во Битола ќе дојде неговата сопруга и авторите на филмот.

Годинава е најавена  нова програма „Полноќен јавач“, која ќе има едукативен карактер, особено ќе биде интересна за младите и заради жанрот хорор, а низ мајсторството на филмските класици. Програмата ќе ја води  Микеле ди Анџелис, режисер и сценарист од Италија.

Селекторот на Главната програма „Камера 300“, Благоја Куновски – Доре рече дека оваа програма е брендот на фестивалот, по неа, како и по другите програми не’ препознаваат.

„Но, во главната програма се одвива трката по трите главни награди за кои одлучува петчлено интернационално жири. Програмата ја чинат 12 навистина врвни дела, затоа што ако претендираме да сме светски фестивал и да сме врвен фестивал као прв и најстар во светот, мора да водиме сметка, секогаш да биде тоа повеќе од златниот просек и секогаш да сме на извориштето на трите најголеми трите филмски фестивали: Кан, Берлин и Венеција и ако дозволат околностите, да вклучиме и филм од другите фестивали како лани од Карлови Вари. Годинава имаме шест филмови од компетицијата во Кан, три од Берлин и два и минатогодишниот фестивал во Венеција“, рече Куновски.

Фестивалот ќе се затвори со филмот „Црниот Кју-кју клановец“ во режија на Спајк Ли и со краткиот филм „Скаут“ на Алекс Цветков, режисер од македонско потекло кој живее во САД.

Селектори на Документарната програма се Гена Теодосиевска и Марија Џиџева.

„Промените што ги внесуваме од оваа година е и присуството на што поголем број филмски работници, филмски критичари, новинари што го познаваат филм да бидат делод тие селекторски програмски екипи за да се освежат нашите хоризонти“, рече Теодосиевска. Таа истакна дека дел од програмата ќе биде и документарниот филм за Папата Франциско од Вим Вендерс.