Ако го решиме загадувањето, ќе ги намалиме и климатските промени – собир на Fridays for future на Школка

По масовниот протест од минатата недела, членови и поддржувачи на локалната иницијатива Fridays for future и овој петок се собраа да продискутираат за климатските промени и актуелната Конференција на Обединетите Нации во Мадрид.

Според младиот активист Никола Јовановски, преку ваквите собири се обидуваат ја одржат енергијата меѓу јавноста да се зборува за климатските промени, иако е разочаран што денес се појавиле помалку граѓани.

„Има многу малку луѓе, но се надеваме дека ќе развиеме убава дискусија“, вели тој.

Активистот Владимир Куноски за време на собирот ја истакна потребата од ангажирање експерти во решавање на проблемот со загадувањето и климатските промени.

„Ако ние сами не се избориме, никој нема да помогне“, нагласи тој.

На ова се надоврза друг учесник на собирот, кој посочи: „Ако го решиме проблемот со загадувањето, ќе ги намалиме и климатските промени“.

Според Гордана Пирковска Змијанац од Првата детска амбасада „Меѓаши“, „младите направија многу повеќе од невладините и од оние кои само седат дома“. Таа ги нарече „најосвестените луѓе“ во Македонија.

Минатата недела се одржа масовен еко-протест на кој 30 здруженија и иницијативи ги здружија силите и до Владата упатија над 200 барања. Тие беа повикани на состанок, но ја одбија поканата до исполнување на барањата. По ова, Владата ги прифати првичните седум барања од еко-протестот.

Владата ги прифати првичните седум барања од „Маршот за чист воздух“