Акција за зачувување на Жировничка река

Под мотото „Не уништувајте ги нашите реки“, утре (сабота, 13 јули) од 10 часот ќе започне акција за зачувување на Жировничка река во Националниот парк Маврово.

Акцијата е иницирана од „Да го зачуваме НП Маврово“, „Фронт 21/42“, „Save the blue hearth of Europe“ и МЗ Жировница, а е во склоп на Недела на акции за зачувување на Балканските реки.

„На Балканот илјадници се погодени од хидроенергетското цунами. Населението ја губи водата за пиење и наводнување, нивните домови или обработливо земјиште, пејзажот што го уживале со генерации. И покрај огромното влијание врз нивниот живот, повеќето засегнати заедници никогаш не се информирани за хидроенергетските проекти во нивните ‘дворови’, ниту пак се консултирани за одлуките кои директно го засегаат нивниот живот. Многу од нив се борат назад – тие се решени да ја заштитат својата река, без оглед на цената – ‘Ние го даваме својот живот, но не и нашата река’. Заедно сме посилни – се поддржуваме и обединуваме во борбата, ги пренесуваме приказните и спроведуваме заеднички акции“, велат здружените организации.

За оваа цел, месец јули е месец на акција против, како што велат, цунамито од хидроцентрали на Балканот.

Потенцираат дека населението од 7 балкански земји ќе го крене својот глас за да ја пренесе пораката дека хидроцентралите не само што го уништуваат биодиверзитетот туку, велат тие, го уништуваат квалитетот на живот на населението кое со години ја ткаела културата на соживот со реките.

Оттука, организациите ги повикуваат граѓаните да им се придружат во нивните активности за зачувување на Жировничка река.

„Три ХЕЦ се планирани на Жировничка река! За две ХЕЦ – Жировничка 5 и Жировничка 6, постапката за концесија започна во 2014 а концесиските договори беа потпишани во 2015 година. За третата – Жировничка 3, постапката за прибирање понуди за концесија започна во јануари 2019 година. По силен притисок на граѓанските организации и локалното население, во мај оваа година Владата ја сопре постапката за Жировничка 3. За ХЕЦ Жировничка 5 и ХЕЦ Жировничка 6 издадени се сите дозволи а инвеститорот најави почеток на градба во април 2019 година. Благодарание на активностите на граѓанските здруженија и локалното население отпочнувањето на градежните активности е суспендирано до крајот на јуни. По овој месец заканата од почеток на градбата продолжува!“, соопштуваат организациите.

Исто така, напоменуваат дека хидроцентралите се лоцирани во недопрената долина на реката Жировничка која изобилува со зрела букова шума, во зона на паркот во која ваков тип на активности се забранети – зона која, велат тие, претставува дом на кафеавата мечка, Балканскиот рис и дивокозата.

„Хидроцентралите ќе ја сопрат водата од реката Жировница. Реката Жировница претставува единствениот извор на вода за пиење за над 2000 жители на селото Жировница (второто најголемо село во НП Маврово). Населението воопшто не е консултирано за можното влијание од хидроцентралите ниту пак на истото му е гарантирано, со некаква мерка, дека нема да остане без вода за пиење“, се вели во повикот за утрешната акција.