Академиците од Обединетото Кралство најавија бојкот на израелските универзитети

Повеќе од 300 академици од универзитетите во Обединетото Кралство рекоа дека ќе ги бојкотираат универзитетите во Израел, како протест против „прекршувањата на човековите права на Палестинците од страна на Израел кое не може да се толерира“.

Изјавата беше објавена во оглас од цела страница во денешното издание на весникот Guardian. Потпишана е од 345 универзитетски професори и предавачи, а насловена е „A Commitment by UK Scholars to the Rights of Palestinians“.

Бојкотот се случува после помалку од една недела откако 150 британски уметници, меѓу кои и писателката на Harry Potter, JK Rowling, потпишаа писмо со кое протестираат против „културниот бојкот“ на Израел, и повикаа на соработка со Израел за да одговорат на поплаките на Палестина.

Во огласот пишува дека академиците се „длабоко вознемирени од илегалната окупација на палестинската земја од страна на Израел, прекршувањата на човековите права кои не треба да се толерираат, а кои влијаат на сите животни аспекти на палестинскиот народ, како и на очигледната решеност на Израел да се противи на било која изводлива спогодба“.  Изјавија и дека потписниците нема да ги прифатат поканите за посета на академските институции, да делуваат како судии во било кој од нивните процеси, да учествуваат во конференции финансирани, организирани или спонзорирани од израелските академски институции.

Се заколнуваат дека ќе го одржат тој став додека „Државата Израел не се усогласи со меѓународното право и не го почитува принципот на човекови права“.

Владите на Обединетото Кралство и Израел го осудија бојкотот. Британскиот амбасадор во Израел, David Quarrey изјавил за Guardian дека Обединетото Кралство е „длабоко посветено“ на подобрување на академските и научните соработки со Израел.

Израелската амбасада во Лондон одговори на бојкотот, велејќи дека „потегот на бојкотирање само цели да посее омраза и отуѓување помеѓу двете страни, наместо да промовира соживот“.

Извор: TIME