Агенција за млади и спорт: Заедно со младинските организации ќе ги креираме политиките за млади

Претставници на дел од младинските организации кои се во склоп на Националниот младински совет на Македонија се сретнаа со новиот директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски.

На средбата се разговарало за Регионалната младинска канцеларија за соработка (RYCO), која има за цел да овозможи мобилност, размена и помирување меѓу младите од Западен Балкан.

Каевски ја акцентираше потребата за зголемена транспарентност и отвореност на Агенцијата за млади и спорт.

„Договорена е редовна соработка со младинските организации, заедно ќе ги креираме политиките за млади и значаен акцент се става на намалување на младинската невработеност и иселувањето на млади“, стои во соопштението на Агенцијата.

Трајниот механизам за соработка меѓу Агенцијата за млади и спорт и НМСМ е дел и од препораките на Европскиот Парламент.

Претставниците на младинските организации ги образложиле барањата на НМСМ до Владата на РМ и Агенцијата за млади и спорт како и приоритетните прашања кои ќе се разгледуваат во претстојниот период.