Административците земаат плати над македонскиот просек

Просечната месечна нето-плата во администрацијата се движи од 18.174 денари кај административните државни службеници во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, од 90.215 денари во Регулаторната комисија за домување, покажува анализата направена од Фондацијата за демократија на Вестминстер во рамките на проектот „Поддршка на македонската парламентарна реформа“.

Анализата дава приказ на движењето на платите во јавната администрација, за период од 2010 до денес, како и просечните месечни бруто и нето плати по вработен за одделни буџетски корисници и вработените во регулаторните тела. Во Република Македонија од 2014-тата година вработените во јавната администрација се нарекуваат административни службеници.

Според податоците во буџетот за 2016 година, просечниот износ за плати и надоместоци (бруто износ) по вработен кај сите буџетските корисници на централниот буџет изнесува 42.563 денари, што е за скоро 10.000 денари поголем износ во однос на просечната бруто плата во Република Македонија за 2016 година. Според ова, просечната месечна нето плата по вработен кај сите буџетски корисници за 2016 година изнесува 28.700 денари, што пак е поголема за 6.360 денари од просечната месечна нето плата во Република Македонија.

Анализата покажува дека најголеми средства за бруто и нето плати по вработен на месечно ниво во 2016 година се издвоени за Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, и тоа по 96.071 денар просечна бруто, осносно 63.854 денари просечна нето плата по вработен. Најниски месечни расходи за бруто и нето плати во 2016 година биле реализирани во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор со најниска месечна бруто плата од 26.542 денари, или 18.174 денари месечна нето плата по вработен.

Што се однесува пак до платите во регулаторните тела, може да се забележи дека просечните бруто и нето плати на сите 10 институции се поголеми од просечната бруто и нето плата во државата. Тие се движат од 58.291 денар месечна бруто, односно 39.033 просечна месечна нето плата по вработен, во Комисијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, до 136.194 денари просечна месечна бруто или 90.215 денари просечна месечна нето плата по вработен, во Регулаторната комисија за домување.

Оваа анализа е првично изработена за потребите на пратениците во Собранието на Република Македонија, со цел да им даде дополнителни информации кои би ги користеле во рамките на собраниската дебата, како и да им помогне во вршење на поквалитетен финансиски надзор врз работата на извршната власт. Анализата е подготвена од Фондацијата за демикратија на Вестминстер, во рамки на проектот: „Поддшка на македонската парламентарна реформа“, а со финансиска поддшка од Британската амбасада во Скопје.