„A Lullaby to the Sorrowful Mystery“ – осумчасовна филмска драма од Филипините која отвора нови видици

Филипинскиот режисер Лав Дијаз смета дека на филмовите не треба да им се суди според нивната должина. Овој викенд, за време на Берлинскиот филмски фестивал, Дијаз имаше можност да ја прикаже историската црно-бела драма за Филипините, која траеше повеќе од осум часа.

„A Lullaby to the Sorrowful Mystery“ беше прикажан во конкуренција за големата награда Златна мечка, со проекција која започна во 9:30 часот, а заврши нешто пред 19 часот, со пауза од еден час за ручек.

Овој филм е сличен во траење со претходни фаворити на фестивалот, како на пример „Satantango“ на унгарскиот режисер Бела Тар, кој траеше седум часа. Но, на прес-конференцијата која следуваше по проекцијата, Дијаз ги отфрли етикетите дека е творец на „спори филмови“.

„Тоа не е бавен филм, тоа е филм. Не знам зошто, секој пат кога зборуваме за филм се фокусираме на должината“, рече режисерот Дијаз.

Дејството во неговиот филм е поставено во доцниот 19 век, за време на Филипинската револуција против шпанската власт и се фокусира на влијанието на Андрес Бонифасио де Кастро, кој се смета за еден од главните поттикнувачи на востанието. Филмот го следи животот на неколку луѓе, вклучително и животот на сопругата на Кастро, која е во потрага по неговото тело на планина населена од луѓе од светот на духовите.

Филмот, исто така, ги следи животите на неколку млади луѓе кои се зафатени во револуцијата, вклучително и поетот Исагани (Џон Лојд Круз), кој е толку обземен од крвопролевањето што ја загубил довербата во неговата способност да пишува песни.

Филмот освои почесна награда на фестивалот за филм кој отвора нови видици. Трејлерот за овој филм трае само минута и пол, во продолжение може да го погледнете: