Океаните повеќе не можат да го издржат товарот на човечкиот пластичен отпад – најново истражување открива шокантни податоци според кои 90 проценти од популацијата на птици кои живеат на океаните имаат пластика во желудниците. Ова е драматичен пораст за релативно кусо време – во 70-те и 80-те години, само 10 проценти од птиците имале пластика во организмот, а се очекува овој процент да се зголеми на 99 во следните 35 години.
Истражувањето на американската Национална академија на науките фрли светло на големината на проблемот, вклучувајќи и информации за тоа каде во океаните има најмногу пластичен отпад – најзагадена е областа помеѓу Калифорнија и Хаваите. Опасноста расте и во морето околу Тасманија, меѓу источниот брег на Австралија и Нов Зеланд. Други истражувања покажуваат дека производството на пластика во светот се удвојува на секои 11 години, почнувајќи од 50-те години на минатиот век. Тоа денеска значи 300 милиони тони нова пластика секоја година, од кои запрепастувачки седум милиони тони завршуваат во океаните. Загадувањето со пластика, според водечките светски организации за заштита на животната средина, може да се нарече најголем светски еколошки проблем во моментов.
Морските птици често ја јадат пластиката, па дури и ги хранат своите млади со неа, затоа што ја мешаат со ракчиња или планктон. Документарниот филм „Midway“ од 2013 го прикажа пацифичкиот остров преполн со тела на албатроси уништени од пластика. Вештачките материјали како пластиката се штетни за дивиот свет на повеќе начини: тие ги блокираат дишните патишта и дигестивниот систем на животните, давејќи ги одвнатре, а испуштаат и отрови во нивните тела.