70 филмови низ осум денови на деветтото издание на „МакеДокс“

Деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи 16 до 23 август во Куршумли ан, на платото пред Музеј на Македонија и во Музејот на современата уметност во Скопје.

Како и претходните години, „МакеДокс“ најавува пресек на најновото и најкреативното во документарната кинематографија сместено во повеќе програмски сегменти, како Главна програма, Нови автори, Кратки документарци, Студентска програма и две програми за деца и млади.

Според организаторите, „МакеДокс 9“ ќе понуди 70-тина филмови. Ќе бидат присутни исто толку гости, а филмовите ќе се натпреваруваат за наградите „Кромид“ за најдобар филм во Главната програма, „Млад кромид“ за најдобар филм на нов автор, „Кокарче“ за најдобар студентски филм, „Сечкан кромид“ за најдобар краток филм, а сите влегуваат во конкуренција за Наградата за филм со најдобри етички идеи.

„Со големо задоволство можам да истакнам дека годинава ќе имаме филмови од многу земји и што ќе ни дојдат гости од Индија до Исланд. Додадовме еден ден плус и фестивалот ќе се одвива во осум денови“, рече Петра Селишкар, селекторка на главната програма на „МакеДокс“, која потенцира дека годинава многу силна ќе биде селекцијата Нови автори.

На отворањето на фестивалот, на 16 август во Куршумли ан, ќе бидат прикажани краткиот филм „Вај-фај Плаза Куба“ на Андријан Келтерборн и долгометражниот документарец за мачките во Истанбул, со наслов „Кеди“ на Цејда Корун. По филмската програма на отворањето ќе следува концерт на „Џими Барка Експириенс“.

„Бројот девет е број на мудроста, универзалната љубов, на судбината, вечноста, ангелите, универзалнните духовни закони, вистината, стрелците, се смета за магичен број, женски и интровертен. Вибрира со креативност, сензибилност, мистицизам и внатрешна мудрост, високи идеали, ексцентричност, визионерство, генијалност, неконформизам“, велат од „МакеДокс“.

Организаторите веќе најавија дека мотото на ова издание е „Реалноста режира, ние правиме филмови“ со што тематскиот фокус на фестивалот е ставен на режијата во документарниот филм. Во тој правец на „МакеДокс 9“ ќе бидат одржани две филмски работилници во Музејот на современата уметност во Скопје.

Со наслов „Полска во срцето“ на фестивалот ќе бидат прикажани 12 документарци од современата полска филмска продукција. Средбите „очи в очи“ со авторите од Полска, но и со другите гости на фестивалот, ќе се случуваат „Под смоквата“. Како најава на „МакеДокс 9“ на 11 август веќе се одржа „Полски пикник“ со десет наградени филмови од Филмскиот фестивал во Краков. Отворањето на програмата на полски документарци, на 17 август, ќе биде проследено со перформанс по идеја на пријателот на „МакеДокс“ од Белград, Владан Царчиќ – Цар.

„Полски пикник“

„Денеска, сржта на полската кинематографија ја сочинуваат документарните филмови. Во 2017-та година беа продуцирани околу 40-тина документарци кои добија престижни филмски награди и беа прикажани на најважните филмски фестивали ширум светот, како Интернационалниот документарен фестивал во Амстердам-ИДФА, во Лајпциг, Локарно, Варшава… А полскиот документарец ’Причест‘ на режисерката Ана Замецка, кој ќе биде дел од програмата на МакеДокс, ја освои Европската награда за најдобар документарен филм во 2017-та“, нагласи селекторката на програмата Земја во фокус – Петрула Вељановска.

Отворањето на студентската програма на 18 август ќе се случи на платото пред Музејот на Македонија со пладневниот пикник заедно со „Синестетика“, на кој млади уметници ќе ги продаваат своите ракотворби. Филмската програма содржи 13 документарни филмови.

„Веќе трета година имаме Студентска програма на ’МакеДокс‘. Годинава имаме филмови кои не се студентски испити, туку зрели студентски филмови кои своите премиери ги имале на значајни филмски фестивали, а дел од филмовите својата интернационална премиера ќе ја имаат на ’МакеДокс‘, за што сме особено горди, бидејќи нашиот фестивал добива сѐ поголемо значење во меѓународни рамки“, истакна селекторот на програмата, Дарко Набаков.

На „Македокс 9“ ќе се одржат и филмските премиери на првата генерација „Докуникулци“, кои се резултат на филмската школа за документаристика која „МакеДокс“ ја почна минатата година. На 21 август, во 18 часот, во Музејот на современата уметност ќе биде прикажан филмот „Адолесцензура“, на 21 август во 20.30 часот на платото пред Куршумли ан ќе биде прикажан филмот „Поглед во очите“, додека на 22 август во 21 часот во Куршумли ан премиерно ќе биде прикажан филмот „Поинакви“.

На 23 август, од 14 до 16 часот, во Музејот на современата уметност ќе се одржи Панел-дискусија „Улогата на филмот во деинституционализацијата“ заедно со Вито Флакер (професор по социјална работа од Словенија), Дамијан Ненадиќ (режисер на филмот „Денови на лудило“), Ана Замецка (режисерка на филмот „Причест“) и автор(к)ите на кратките документарни филмови на првата генерација „Докуникулци“ на „МакеДокс“.

Деветтото издание на „МакеДокс“ е поддржано од Агенцијата за филм на РМ, Програмата МЕДИА на Креативна Европа, Фондацијата за развој на демократијата од Вашингтон (National Endowment for Democracy) и Град Скопје. Партнери на „МакеДокс“ се „Петра Пан“, „Кино Култура“, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија.

Медиумски покровители на „МакеДокс 9“ се МТВ – Прв програмски сервис, Телевизија 24, Слободен печат, Нова Македонија, Канал 103, Радио Антена5, Радио ЏезФМ, Радио МОФ, Радио Бубамара, Лајф Радио, Плус Инфо, МКД.мк, СДК.мк, Окно, Репер, Е-магазин, Его, Плагиј.ат, Лице в лице, Реборн, Види Вака, Пиреј.мк и ПопАп.