60 жени размислуваат да го тужат Гугл за сексизам и разлика во платите

Повеќе од 60 сегашни и поранешни вработени во Гугл, размислуваат да поднесат заедничка тужба против компанијата за сексизам и разлика во платите против жените, додека технолошкиот гигант се соочува со криза околу наводната полова дискриминација.

Џејмс Фајнберг, адвокат за граѓански права, кој работи на евентуалниот правен процес во корист на вработените жени, за Гардијан изјавил дека нивните тврдења се дека заработуваат помалку од мажите во Гугл и покрај истите квалификации и идентичните работни позиции.

Други, пак, наведуваат дека поради „културата која е непријателска кон жените“, се соочуваат со проблеми во напредувањето во компанијата.

Гугл се соочува со големи критики поради внатрешниот документ кој јавно протече викендов. Во него маж софтвер инженер ги критикувал иницијативите за диверзитетот и спори дека мажите се на повисоките позиции од жените во технолошките компании поради „биолошки разлики“.

Документот, кој јавноста го осуди како мизогинија и научно погрешен, предизвика Гугл да го отпушти авторот и поттикна дебата околу дискриминацијата и сексуалните злоупотреби, за кои критичарите велат дека се се поголеми во технолошката индустрија.

Гугл отфрла дека платите во компанијата се дискриминаторски. Сепак, Фајнберг, кој вели дека интервјуирал половина од жените кои најавиле учество во тужбата, тврди дека нивните сведочења наведуваат на постоење на очигледни разлики и предрасуди кои се на штета на жените во компанијата. Неколку жени рекле дека заработуваат околу 40 илјади долари помалку од мажите за безмалку истата работа.

„Загрижени се дека жените се сместуваат на позиции и нивоа кои се помалку платени од мажите со слично образование и искуство. Додека на сличните позиции и квалификации, некои од жените велат дека заработуваат помалку од мажите во плати, бонуси и услови за акции“, вели Фајнберг.

Една поранешна висока менаџерка во компанијата, која неодамна го напуштила Гугл, за британскиот весник изјавила дека во повеќе наврати открила за мажи кои се на идентично ниво со неа, а заработуваат десетици илјади долари повеќе. Во еден случај, таа објаснила дека нововработен маж се приклучил на тимот со повисока плата од неа и покрај фактот што таа му била надредена.

„Тоа деморализира. Има нешто потсвесно што се случува кога почнувате да поставувате прашања за вредноста која ја носите во компанијата“, рекла соговорничката која барала анонимност поради страв од одмазда.