5 години затвор во Кина за тибетски активист кој го бранел мајчиниот јазик на документарец

Активистот Таши Вангчук од Тибет е осуден на пет години затвор во Кина поради „поттикнување сепаратизам“, откако зборувал во документарец на Њујорк Тајмс за своите напори за зачувување на мајчиниот јазик, пренесува ББЦ.

Вангчук бил уапсен во 2016 година, откако се појавил во видео-материјал на американскиот медиум. Во интервјуто тој зборувал за неговиот страв дека тибетската култура се уништува во Кина.

Амнести Интернешнал пресудата ја опиша како „огромна неправда“.

„Тој е сурово казнет. Да се нарече неговиот мирен активизам за тибетскиот јазик како „поттикнување сепаратизам“ е повеќе од апсурдно“, рекол Џошуа Розенсвеиг.

Вангчук, кој на судењето изјавил дека не се чувствува виновен по ниту едно од обвиненијата кон него, треба да излезе од затвор во 2021 година. Неговиот адвокат за Афенцијата Франс Прес изјавил дека планира да се жали на пресудата.

„Верувам дека тој нема сторено никакво кривично дело и ние не ја прифаќаме пресудата“, рекол тој.

Тибет е доминантно будистичка автономен регион, под власт на Кина. Кинеските власти велат дека Тибет значително се развил под нивната власт, сепак меѓународните организации сметаат дека Кина продолжува да ги крши човековите права, обвинувајќи ги за политичка и религиозна репресија, нешто што Кина го негира.