43% од буџетот на новата Еразмус програма ќе биде наменет за високото образование

Во академската 2020/21 година имало околу 800 размени во странство од Еразмус + програмата, што претставува раст од 400 проценти во споредба со 2014 година, покажуваат статистиките со кои располага Националната агенција за европски образовни програми и мобилност. Наспроти ова, досега вкупно биле реализирани 2534 влезни мобилности, со тоа што оваа опција најмногу ја искористиле од наставниот административен кадар, околу 1424, наспроти 930 влезни мобилности од страна на студентите.

На европско ниво, новата програма на Еразмус+ за периодот 2021-2027 ќе изнесува рекордни 28 милијарди евра. Според в.д. директорот на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност Марко Ѓоргиевски, 43 проценти од буџетот ќе биде наменет за високото образование.

„Следува период на интензивни активности, на зголемување на заедничката соработка, и унапредување на програмите за мобилност во високо образовните институции. Очекувам на тој начин заеднички заложби, директно да дејствуваме на подобрување на квалитетот на образовните процеси во нашата држава“, рече тој во своето обраќања на денешната конференција на која официјално се потпишаа договорите за грантови со високообразовни институции за новата Еразмус+ стратегија 2021-2027.

Од вкупно 26 високообразовни институции во Северна Македонија, 24 активно учествуваат во програмата Еразмус+ во делот на високо образование, истакна Ѓоргиевски.

Буџетите за високо образование од 2014 до 2019 година, како што информира Ѓоргиевски, се зголемени за 150 проценти. Во 2014 година биле одвоени 970 илјади евра, а за 2020 година буџетот изнесува 2,4 милиони евра.

Во периодот што следи, акцентот ќе биде на дигитализација, зелена агенда, соработка со соседните држави, функционирање на Европската студентска картичка, вклучување на лица со посебни потреби и помалку можности, истакна Ѓоргиевски. Тој очекува целосна вклученост на високо образовните институции во програмата.