40-годишната еволуција од :-) до 😂

Професорот по компјутерски науки на Универзитетот Карнеги Милон, Скот Фалмен на онлајн огласната табла на универзитетот каде што предава пред 40 години објавил „: – )“.

Со оваа „насмеана фаца“ што според Гинисовата книга на рекорди беше именувана како првата дигитална емотикон и предвесник на денешните емотикони, Фалмен се обидел да го реши познатиот проблем на денешните корисници на Интернет – пренесување сарказам онлајн.

„Некој ќе го употреби ова и ќе каже нешто што треба да е саркастично. Но, некој друг, што ја прима таа порака нема да ја сфати шегата и ќе одговори со лутина и непријателство и набрзо по тоа секогаш настанува караница. Кога сме на интернет медиум на кој има само текст, луѓето не можат да кажат дали се шегуваме или не. Нема говор на тело, нема експресии на лицето“, споделил професорот Фалмен во изјава за „Си-Ен-Ен“.

Во изминатите 40 години емоциите и подоцна емотиконите зазедоа централно место во разговорите што се одвиваат онлајн, а понекогаш дури и офлајн. Во моментов постојат повеќе од 3.600 емотикони достапни за корисниците да ја искажат секоја своја емоција и ефективно да го адресираат оригиналниот проблем што го посочил Фалмен, односно да дадат подлабока смисла на зборовите независно дали тоа ќе биде мавтање со рака, солзи или љубопитност.

„Тие нудат нешта што зборовите не можат да ги кажат. Кога некој се чувствува ‘ок’, тие појаснуваат на кој начин е кажано тоа ‘ок’“, изјавила Џенифер Дениел, шефица на Поткомитетот за Емотикони за конзорциумот на Уникод.

Како што еволуира јазикот, така еволуираат и емотиконите, па за скоро време нема да бидат доволни ниту сегашните 3.000 емотикони.

Уникод објавува ажурирања за нови сетови на емотикони секој септември. Истото се прави на начин што се разгледуваат веќе поднесени предлози и така се дава одговор на глобалните трендови. Новата верзија на емотикони 15.0.0 објавени минатиот вторник содржи сет од 20 нови емотикони, вклучувајќи и четка за коса и медуза.

Иако има илјадници нови опции за емотикони, главната употреба останува верна на оригиналната цел поставена пред 40 години – насмевка комбинирана со лукавост.

„Најпопуларни емотикони се оние што претставуваат забава, хумор или љубов“, изјавил Кит Брони, главен уредник на Емоџипедија.

Професорот Фалмен споделил дека и тој користи емотикони, но многу ретко, бидејќи ги преферира, како што рекол, „оние со текст, делумно бидејќи се негови“.

„Го прифатив фактот дека без разлика какви успеси и да постигнам во полето на вештачка интелигенција, ова ќе биде почетната реченица во мојата биографија. Сепак е забавно да бидеш малку познат за нешто“, рекол Фалмен.