35 организации бараат јавна расправа за предлог измените на Законот за урбанистичко планирање

Вкупно 35 организации побараа од Министерство за транспорт и врски да се одржи јавна расправа за Предлог-законот со кој се изменува и дополнува постоечкиот Законот за урбанистичко планирање. Тие реагираат дека рокот за прикачување коментари на ЕНЕР измина на 25 јануари, без да се одржи јавна расправа која законски е задолжителна.

Повикувајќи се на Архуската Конвенција, организациите бараат да се организира најмалку една јавна расправа и да се овозможат дополнителни 10 дена по расправата за доставување коментари од страна на јавноста.

Дел од предложените законски измени ги загрижува организациите и сметаат дека може да предизвикаат долгорочни штетни последици по природата и животната средина.

„Исто така, сметаме дека констатацијата во Нацрт Извештајот за ПВР дека Законот нема да има никакво влијание врз животната средина е недозволив пропуст на изготвувачот“, забележуваат тие.

Организациите реагираат дека со предложените измени урбанизацијата се дефинира сама по себе како дејност од јавен интерес.

„Оваа интервенција има потенцијал да направи пустош во нашата природа. На пример, Законот за шуми забранува копачење и трајна пренамена на шумите, освен под одредени услови, меѓу кои е и спроведување на дејности од јавен интерес. Со актуелниот закон не може да се уништи некоја шума за да се спроведе план/проект за урбанизација, со предложените измени се отвара оваа врата“, реагираат организациите.

Според нив, со предложените измени, практично се овозможува урбанизација на селата во заштитените подрачја, без да се процени нејзиното влијание врз природата и животната средина и без да се информира и вклучи јавноста во ваквата проценка. Меѓу селата за кои се усвоени/започнати општи акти ги наведуваат и село Скудриње во НП Маврово; селата Лагадин, Љубаништа и Елшани во Светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион.

„Се дава можност земјоделското, шумското и крајбрежното земјиште во области вон населени места и вон плански опфати да се третира како градежно по автоматизам, без да се спроведе процес на пренамена регулиран со специфичните закони за различните типови на земјиште“, стои во реакцијата на организациите.

Покрај ова, забележуваат што се ускратува и оневозможува жалбениот механизам при одобрување на планските програми за урбанистичките планови, како и при одобрување на урбанистички проекти. Па така, наместо со решение (како поединечен акт) предвидено е овие програми и проекти да се одобруваат со потврда за заверка.