Концерт на „Фолтин“ во прилепскиот центар „Марко Цепенков“

„Фолтин“ во четврток (29 август) повторно го освојува Прилеп. Псевдно-емигрантското кабаре, како што сакаат себеси да се нарекуваат, ќе одржи прилепски концерт на летната сцена во Центарот за култура „Марко Цепенков“, со почеток од 21 часот.

„Фолтиновци“ оваа година се актуелни со албумо „МОМÓМА“, кој според писателот и рецензент Дејан Трајкоски е „најзрелиот албум на битолската група“. Музички клуч под дипле, со кој, вели тој, влегувате којзнае каде. Благо џезиран, а бескрајно љубовен.

„И, замислете, пријатно поинаков од сѐпретходно, а препознатливо фолтиновски. ‘МОМÓМА’ е како Шпато да седнал со ‘Бич Бојс’, па отсвириле пет-шест ствари. Онака, како од шега, ама пресериозно. И тоа од таа нивна чудесна ‘Pet sounds’ фаза. Кога правиш нешто сосема поинакво од очекуваното и ги збунуваш сите до радост. ‘МОМÓМА’ е и ‘Скопје фест’, оној од седумдесеттите, од Оџаклиевска, Хаџиманов, Спирова, Панчетовиќ, Биг-бендот… но со ‘Фолтин’, место сите нив заедно. Албумот нè гали и со влијанијата од Херби Хенкок – од ‘Thrust’, на пример, управувани од бојата на неговиот вселенски синтисајзер. Во песната „Ми се води љубов“ можеби можете да го препознаете и Том Вејтс, како да влегол во романтична џез фаза, па пее пригушено низ мегафонот од ‘Chocolate Jesus’. А потоа од некаде излегува и Боуви, со онаа негова проклето прекрасна насмевка. А текстовите? Тие се такви какви што ги очекувате – безмилосно нежни и силни. „МОМÓМА“ е оној момент којшто не сакате да заврши. Во ноќта кога, рече, може само да ме сонуваш. Кога ви се води љубов. Малку неморално. Раскошно и блудно”, напиша писателот Трајкоски.

Влезници по цена од 100 денари за концертот во Прилеп можат да се набават во кафе „Чоше“ и таверба клуб „1990“.