14 починати во автобуската несреќа, а уште седум лица се во тешка, но стабилна здравствена состојба

14 лица починаа, а уште седум се во тешка состојба по вчерашната сообраќајна несреќа во која автобус излета од автопатот Скопје-Тетово.

Министерот за здравство Венко Филипче, утрово ги посети повредените пациенти, а од Министерството за здравство соопштија дека се ангажирани сите ресурси за да се спасат животите на тешко повредените.

„Четири од повредените пациенти во болницата „8 Септември“ и три повредени пациенти во Ургентниот Центар во Скопје сé уште се во критична и тешка состојба, но се во стабилна здравствена состојба“, соопштија од Министерството.

Синоќа, Владата одржа вонредна седница и ги прогласи 14 и 15 февруари за Денови на жалост, во сеќавање на луѓето кои трагично ги загубија животите.

Премиерот Зоран Заев по седницата соопшти дека истрагата е во тек и дека веднаш по завршувањето ќе бидат соопштени сите факти за несреќата.

„Автобусот се движел на релација Скопје-Тетово, несреќата е кај село Ласкарци. Неутврдени се причините, истрагата е под раководство на надлежниот обвинител. Денеска е завршена на лице место, продолжува, и веднаш штом ќе заврши ќе бидат соопштени сите факти и детали за причините за случувањето на оваа тешка сообраќајна несреќа. Автобусот поминал директно на спротивната страна, ја поминува спротивната страна, влегува дури и на регионалниот пат, паѓа на регионалниот пат и паѓа и
понатаму после регионалниот пат во делот на удолнината. Интервенциите беа брзи на сите институции, вклучително МВР и државните болници, но и сите приватни болници коишто промтно и безпоговорно веднаш ги испратија сите свои ресурси. Вечерва, за жал животите ги загубија 14 наши сограѓани. Седум наши сограѓани починале на лице место на несреќата“, изјави Заев.

Од Министерството за здравство најавија повеќе информации во текот на денот.