ЈСП со повик за „Скопски автобуски хакатон“ – софтверско решение за оптимизација на линии

Во насока за зголемување на задоволството од користењето јавен градски транспорт, Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ објави повик за апликанти за „Скопски автобуски хакатон“.

Сите заинтересирани учесници ќе изработуваат иновативно софтверско решение, а со цел оптимизација на бројот на патници во автобусите на линиите 2, 5, 19, 22 и 57.

„Хакатонот е отворен за сите креативни индивидуалци, тимови и стартапи кои имаат желба да работат на ваков проект, а имаат и познавања од областа на развој на софтвер. За учество на хакатонот, треба да се пријавите на следниот линк. Поднесувањето на електронски пријави започнува од 01.09.2016 година и ќе трае до 15.10.2016 година“, велат од ЈСП.

Рокот за пријавување може да  биде продолжен по одлука на организаторите.

Во хакатонот може да учествуваат лица, индивидуалци не помлади од 18 години. Понатаму, критериумите за учество ги исполнуваат и тимови од најмалку 2 до најмногу 5 членови, исто така не помлади од 18 години, или сите микро, мали и средни претријатија од сите индустрии и сектори регистрирани како трговски друштва согласно Законот за трговски друштва и регистрирани во Централниот регистар на РМ, кои постојат најмногу 6 години во моментот на аплицирање и кои воведуваат или вовеле иновации во рамки на рамки на своите деловни активности.

Инаку, хакатонот е организиран во партнерство со Фондот за иновации и технолошки развој, Градот Скопје, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Факултетот за информатички науки и копјутерско инженерство од Скопје (ФИНКИ), Техничкиот факултет во Битола, Технолошки Парк (SEEUTechPark), Факултетот за информатика од Штип и Факултетот за информатички и комуникациски технологии од Битола.