105-годишен маж сруши рекорд во возење на велосипед

Французинот Роберт Маршанд, кој претходно го срушил рекордот во категоријата над 100 години, сега постави нов рекорд – во категоријата за велосипедисти над 105 години. Сега тој извози 22 километри за еден час, и покрај неговата возраст.

Маршанд првиот свој рекорд го поставил во 2012, а потоа самиот го срушил претходниот најдобар резултат после две години, на 102-годишна возраст, кога извозел повеќе од 25 километри.

Иако последниот негов резултат е помал од претходните два, новата категорија над 105 години била посебно создадена за него, за да се одрази големината на неговиот подвиг.

Додека голем број обожаватели навивале за него, Французинот успешно поминал 92 круга околу велодромот Сан-Кентин-ен-Ивелин, во близина на Париз.

„Не го видов знакот кој ме предупредуваше дека имам уште 10 минути. Инаку, ќе возев побрзо, ќе имав подобро време. Сега чекам ривал“, вели Маршанд.