Зврлевски: Неопходни се измени, системите за следење и натаму единствено остануваат во рацете на МВР

Нелегалното следење на комуникациите доведе до голема општествена криза во Република Македонија, но ова не е прв пат системите за следење на комуникациите да бидат злоупотребени во земјава. Ова го истакна обвинителот, Марко Зврлевски на денешната конференција „Следење на комуникации – законска рамка и искуства, улогата на јавниот обвинител“ која денеска се одржа во Скопје, пренесува 24 Вести.

„Системите за следење на комуникациите како средство се користат и се злоупотребуваат и од други земји. Токму поради тоа улогата на јавните обвинители треба да стане поизразена, со цел да се намалат ваквите злоупотреби“, рече Зврлевски.

Токму поради овие причини, истакна Зврлевски, потребно е измена на законското решение за следење на комуникациите бидејќи иако е предвидено главниот збор да го има јавниот обвинител, тоа е само на хартија, бидејќи системите за следење на комуникацијата и натаму остануваат единствено во рацете на Министерството за внатрешни работи.