ЗОО Битола – Активистите со петиција за затворање, надлежните велат не е се така црно

Скоро две илјади граѓани ја потпишале новата онлајн петиција на здруженија за заштита на животните, во која се бара итно затворање на Битолската Зоолошка Градина, поради несоодветните услови во кои се чуваат животните.

„Можете да видите во нивните очи дека се несреќни. Секое животно изгледа несреќно“.

„Кутрите мечки се вртат во круг по цел ден во онаа смрдлива дупка, во која нема зеленило ниту нешто забавно за нивна разонода, само круг од камен“.

„Лавовите и тигрите се безживотни. Буквално можете да ги погалите и тие нема да се помрднат. Таков лав, за мене е мизерен лав“.

„Сум видел како луѓето кои работат таму ги хранат животните само со леб“.

„Тоа место мириса на смрт…“

Ова се само некои од коментарите на посетителите на ЗОО Битола, наведени во текстот на петицијата.

Собирањето потписи е иницијатива на меѓународното здружение за заштита на животните ОИПА Интернешнал, заедно со Анималиа Охрид. Според текстот во петицијата, здруженијата објаснуваат дека нема да ја толерираат суровоста кон животните во битолската Зоолошка Градина, кои, според нив, се чуваат во мали бетонски кафези.

„Од Зоолошката Градина тврдат дека таа има значителна улога во сферата на општественото живеење, особено во образовниот сектор, како и за заштитата на одредени животински видови. Ние, очигледно, не се согласуваме со тоа. Ова место мора да биде затворено колку што е можно побрзо, а животните да се пренесат во засолништа“, стои во петицијата.

Директорот на ЗОО Битола, Ѓоко Дамески, смета дека ситуацијата не е црно-бела. Тоа што во последниот период имаат неколку принови, според него е показател дека условите не се толку лоши како што се прикажуваат. Сепак, тој признава дека има уште многу работа за комплетната Зоолошка градина да стигне до елементарни европски стандарди.

„Условите се подобрени, иако има уште многу работа. Пред реконструкцијата на дел од Зоолошката градина во 2015 година, таа беше во незавидна состојба. Лавовите се сместени во новите живеалишта кои се направени по европски стандарди, инаку проектот немаше да биде одобрен. Другите живеалишта, кои не се реконструирани, не ги задоволуваат овие стандарди. Сепак функционираме. Средства за храна на животните се обезбедени. Го решивме и проблемот со греењето – во три објекти кај приматите спроведовме топловодно греење. Самиот факт дека имаме принова кај макаките, павијаните и кај ламите значи дека условите не се такви какви што сакаат да ги прикажат, меѓутоа треба да се работи уште многу. Сепак, работите не се црно-бели“, изјави Дамески за РадиоМОФ.

Тој додава и дека во последните две години, откако тој стапил на функција, посетеноста на Зоолошката градина е скоро удвоена. Од 11 илјади посетители во 2014 година, на 21.500 лани. Според него, бројките не би биле вакви доколку посетителите се незадоволни од условите.

Според информациите од интернет страницата на ЗОО Битола, во неа се сместени 30 различни видови на животни, со повеќе од 400 нивни претставници, а за нивна секојдневна нега се грижат 14 вработени.

„Кадарот е поделен по сектори и генерално си ја извршуваат работата. Сепак, тоа е Зоолошка градина. Во летниот период, на температури од 40 степени, знае да замириса лошо“, вели Дамески.

Тој додава и дека, иако немаат посериозен финансиски проблем во одржувањето на Зоолошката градина, дополнителни средства секогаш се добредојдени за подобрување на благосостојбата на животните во заробеништво.

Иницијаторите најавуваат дека собраните потписи од петицијата ќе ги достават до македонската влада, со барање да се затвори Зоолошката Градина и да се преземат правни процеси против лицата одговорни за злоупотребите.

Ова не е прва ваква иницијатива. Петиција за затворање на ЗОО Битола имаше и минатата година, упатена до претходната централна и локална власт.

ЗОО Битола е основана во 1951 година од страна на група ентузијасти и љубители на животинскиот и растителниот свет од градот Битола. Од 2012 година го има статусот “Кандидат за член во фаза на реконструкција”, во Европската Асоцијација на Зоолошки Градини и Аквариуми.

За работењето на ЗОО Битола надлежен е Советот на Општина Битола.

Даниел Евросимоски