ЗНМ се солидаризира со турските новинари и медиуми

Здружението на Новинари на Македонија се приклучи кон иницијативата на Меѓународната федерација на новинари (МФН) и Европската федерација на новинари (ЕФН) против бранот на напади врз слободата на медиумите и човекови права во Турција.

ЗНМ упати писмо до турскиот амбасадор во Скопје, Н.Е. Умур Шелендир, во кое изразува длабока загриженост за масовното затворање на медиуми и апсење на новинари, кое се случува во Турција, по обидот за воен удар. Во писмото, престедателот на ЗНМ, Насер Селмани ја повикува турската влада да се воздржи од нови напади на медиуми и новинари.

„Веруваме дека вонредната состојба не треба да се користи како изговор за чистка во медиумите, како и во другите делови на општеството. Цензура на медиумите заради критики насочени кон владината политика е незаконска, дури и во вонредна состојба“, се вели во писмото.

ЗНМ, и сите членки на МФН и ЕФН ги повикуваат турските власти да ги почитуваат меѓународните конвенции за човековите права, социјалните права  и слободата на говорот. „Ве охрабруваме да ја негувате култура каде во целост се почитува слобдата на печатот“, се истакнува во писмото.

На овој линк можете да ги најдете имињата на затворените новинари и сопственици на медиуми.

Во име на заштита на слободата и демократијата во Турција, ЗНМ повикуваа да се потпише петицијата објавена од Аменести интернешнл.