ЗНМ: МПМ свесно ги затвора весниците

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), преку соопштение реагира на неизвесната судбина на вработените во медиумите на Медиа Принт Македонија (МПМ), откако вчера дел новинарите информираа дека биле повикани да конкурираат на распишаниот оглас во новоформираната компанија „Медиа Принт ДООЕЛ – Скопје“, фирма ќерка на МПМ.

Соопштението во продолжение ви го пренесуваме во целост:

„Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) е сериозно загрижено поради опасноста Медиа принт Македонија (МПМ), која поседува четири весници, еден магазин и еден интернет попртал, да оди под стечај.

Намерата на сопствениците и менаџерите на МПМ не е да ја решат кризата во компанијата, туку полека да ги згаснат весниците преку постојано отпуштање на новинарите. Тоа не претставува само кршење на работничките права на новинарите, туку е и удар врз слободата на медиумите.

Обидите за преземање на дел од вработените во новата сестринска фирма преку огласи претставува понижување за новинарите и опасност за отпушање на неподобните.

Менаџментот нема храброст да признае дека неуспехот на копанијата е негов неуспех. Наместо да ги отстранат причините што ја преизведоа кризата, тие брутално се пресметуваат со новинарите.

Драстичното намалување на тиражите на весниците и на приходите од огласи е поради погрешните политики на менаџментот на компанијата, кои преку послушни уредници некритички ги поддржуваа политиките на владеачката партија, ВМРО-ДПМНЕ.

Тивкото пропаѓање на МПМ е најдобар пример дека партискиот печат во Македонија нема иднина. Само слободното и професионалното новинарство може да создаде самоодржливи медиуми, кои одговорно ќе ја одиграат нивната улога во демократијата, да ги информираат граѓаните и да ја контролираат власта.

ЗНМ се солидаризира со Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во нивните барања да се почне дијалог помеѓу синдикатот и менаџментот на МПМ со цел изнаоѓање на одржливо решение во интерес на сите“.