ЗНМ бара вистински реформи во медиумите од партиите

Претставници на Здружението на новинари на Македонија денеска се сретнаа со претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, со кого разговараа за текот на преговорите на политичките партии за реформите во медиумите.

Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани побара од СДСМ да остане на ставот дека без суштински реформи во медиумите нема да се реши политичката криза, а со тоа практично ќе нема услови за одржување на веродостојни избори.

Селмани ги повтори ставовите на ЗНМ дека реформите мора да обезбедат институционална автономија на јавниот сервис, Македонската радиотелевизија и зајакнување на независноста на Агенцијата за медиуми.

Оваа цел може да се постигне единствено преку избор на нови управувачки органи на МРТ и Агенцијата, како и преку обезбедување на одржлив систем на финансирање, сметаат од ЗНМ.

Здружението на новинари уште еднаш го реафирмираше ставот дека нема да поддржи половични решенија, кои суштински нема да ја подобрат состојбата со слободата на изразувањето и независноста на медиумите.

На средбата беше изразена и загриженост за ескалацијата на насилтвото против новинари и отсуството на подготвеност на надлежните институции да ги казнат напаѓачите.

Слични средби ЗНМ ќе побара и со другите партии вклучени во преговорите за реформи во медиумите.