„Живот со предизвици“ и годинава ќе учествува на Скопскиот маратон

Здружението на граѓани за ретки болести „Живот со предизвици“ ја продолжува традицијата на учество на Скопски маратон. Годинава заедно со нив ќе учествува и здружението „Момент плус за пулмонална хипертензија“.

На 8 мај, 60 учесници пријавени од иницијативата „Скопско ноќно трчање“ ќе трчаат на 21 и 42 километри за „Живот со предизвици“, а дополнителен број учесници ќе трчаат и на трката од 5 километри. Здружението за пулмонална хипертензија „Момент плус“ пак ќе има и свое учество во штафетно трчање.

„Ретките болести се доста комплексни и за решавање на проблемите со кои се соочуваат пациентите и семејствата со ретки болести е потребна соработка на сите заинтересирани страни, однoсно здруженијата на пациенти мора да соработуваат заедно со државните институции како Министерство за Здравство, ФЗОМ, Министерство за труд и социјална политика, МАНУ, здравствени работници, фармацевтска индустрија … други организации кои работат на поле на заштита на права на пациентите и слично. Само со заедничка работа преку добра комуникација може да се овозможи квалитет на живот“, смета Весна Алексовска, претседател на „Живот со предизвици“, која додава дека секој пациент заслужува да добие шанса за подобар живот.

Оваа активност се одржува за подигнување на јавната свест во однос на ретките болести во Македонија и предизвиците со кои се соочуваат луѓето со ретки болести и нивните семејства во секојдневниот живот.