Жители на Тафталиџе: Машините да ги пратат кај поплавените, а не да ни го рушат паркот

Граѓани од Тафталиџе повторно спречија обид паркот во нивната населба да се претвори во градилиште.

Утрово околу 10 часот жителите на оваа населба алармираа на социјалните мрежи дека градежна механизација и работници повторно се појавиле во паркот. Вознемирени, тие велат дека се користи моментот на национална трагедија да се раскопа паркот и да почне со изградба на зграда.

13887058_1217814248269296_3249598887843566359_n

Слика од Фејсбук групата – Зелено Тафталиџе

„Го користат моментот кога младите се на одмор и кога се случува ваква трагедија по поплавите. Наместо таму да одат машините и таму да се помогне, тие го користат тој момент на жалост на Македонија и доаѓаат да прават зграда, да ни го копаат паркот. Ова е навистина нечуено. Сите сме вознемирени, излеговме постарите, бидејќи нашите се млади и се на одмор. И тие тоа го искористуваат“, вели Душка Лазовска.

Жителите не информираа дека по нивната реакција, работниците и механизацијата по кратко време се откажале и заминале од паркот на Букурешка улица.

„Ако треба, сите ние старите ќе застанеме пред машините. Не смее да се копа. Кога ќе дојдат младите што ќе речат – вие баби дозволивте да ни се копа паркот, каде што и млади и студенти и деца си играат.  Тие го користат овој најтрагичен ден“, вели Лазовска.

Љубица Кондианова тргнала на лекар. Кога ја видела механизацијата веднаш застанала во паркот и спречувала секаков обид за градежни активности. Реагирала и до соседите и за кратко се собрале во поголем број. Вели дека нивна обврска е да се заштити она што е зелено за идните поколенија.

Kondianova

Љубица Кондианова

„Поука треба да ни биде она што се случуваше пред некој ден. Верувајте, уште не поминал ужасот од она што го видовме на телевизиите, веќе мораме овде да ги гледаме работниците што треба да бидат на местата опфатени од поплавите, кои што можеби треба да вадат се уште преживеани луѓе од таа кал, ги носат овде да уништуваат еден и единствен останат парк во ‘Тафталиџе 1’. Што душа се носи во овој народ? Дали се размислува за идните поколенија? Која пара и да се земе, мора да се троши во оваа држава“, вели таа.

[Галерија] Марш за зелен Карпош – жителите бараат паркови наместо нови згради

Жителите на Тафталиџе неколкупати реагираа со протестни собири на доаѓање на градежна механизација. Првиот пат ги срушија тарабите кои го оградуваа просторот. Велат дека имаат доставено петиција до Општина Карпош да не се копа на тоа место.

„Се надеваме дека ќе победи разумот, дека оваа катастрофа од саботата ќе покаже дека треба да се грижиме за околината, не само за нашите станови пред врата, туку и надвор од тоа. Мораме да се бориме за секое тревче и секое ливче, а не пак за парк и дрво. Апелирам да престане ова, додека не се случило нешто уште пострашно. Како тргнало, нас не чека државна катастрофа. Природата, кога и да е, ќе ни дојде и до врата“, вознемирено зборуваше Кондианова.

Граѓаните покажаа имотни листови на кои е наведено дека земјиштето е во државна сопственост и е наменето за парк. Тие велат дека пренамена на земјиштето во локација за стамбен објект нема.

DSC_0346

DSC_0347

Од Општина Карпош во неколку наврати претходно соопштија дека зграда на таа локација е планирана уште во 2003 година и за неа е издадено одборение согласно законските прописи.