Жените во Полска пак протестираат против нов предлог закон за забрана на абортусот

Полјачките се собраа во градовите низ земјата да протестираат против предлог законот, со кој би се забранил абортусот во случај кога фетусот е лошо оштетен, или нема шанса за преживување после раѓањето.

Многумина носеле црно, симбол на жалење за губењето на правата за репродукија, додека протестирале на улиците на Варшава, Гдањск, Лоц, Вроцлав, Познан и други градови низ претежно римокатоличката држава со население од 38 милиони.

„Girls just wanna have fundamental rights“ (Девојките сакаат само да имаат фундаментални права), пишувало на еден од транспарентите.

Протестите во понеделникот беа слични на оние на почетокот на октомври, кога жените во Полска реагираа на уште построг предлог закон, кој би го забранил абортусот во сите случаи, вклучително силување, а предлагаше и затворска казна до пет години за жените и докторите кои би извршувале абортус.

Масивните „црни протести“ ги принудија политичарите да се откажат од тој предлог.

Жените, но и голем број мажи кои ги поддржуваат, сега повторно излегуваат на улица за да протестираат против новиот предлог на Јарослав Качински, претседателот на владејачката Партија на правото и правдата. На почетокот на месецов, тој рече дека неговата партија сака да биде сигурна дека дури и бременостите во кои детето „секако ќе умре и е многу деформирано, треба да завршат со раѓање, за бебето да може да биде крстено, закопано и да има име“.

Во неделите после првите протести, движењето кое протестира за подобар закон ги зголеми своите барања. Сега бараат и подобро сексуално образование, и полесен пристап до презервативи. Истовремено, сакаат и Римокатоличката црква да го намали своето мешање во политичкиот живот и јавното образование.