Жабата Пепе стана првото интернет меме официјално прогласено за симбол на омраза

Советот за заштита од клевети на САД отсега почна да го вбројува Пепе во датабазата на симболи на омраза, заедно со свастиката и знамето на Конфедерацијата. Ова е прв пат интернет меме официјално да биде обележано како расистичко од национална институција.

Жабата Пепе, интернет меме кое на почетокот служеше како смешна слика за реакции, од денес официјално се смета за симбол на омраза споредлив со нацистичката свастика.

Откако започна да се користи на веб страницата 4chan во 2008 година, Пепе стана едно од најпрепознатливите мемиња на интернет. Заедно со препознатливата реплика „Feels good man“, Пепе служеше за да се прокоментира нешто што било објавено претходно.

 

Но, од неодамна, Пепе се користи за сосема поразлични намени.

Во мај годинава, The Daily Beast објави текст за тоа како мемето стана симбол на неонацизмот, Трамп и алтернативната десница. Во споредба со „среќните“ денови на почетокот, Пепе сега промовира говор на омраза и ксенофобија.

The Daily Dot објаснува зошто Пепе „не е нацист, бидејќи му недостасува политичко убедување“. Но, без разлика кој медиум е во право, Пепе сега се смета за симбол на омраза.

Сепак, бидејќи многу често употребата на Пепе нема расистичка или ксенофобична конотација, важно е да се потенцира употребата на мемето во самиот контекст, нагласува Советот. Самиот факт на постирање на слика од Пепе не мора да значи дека човекот кој го користи е расист или ксенофоб.