„Земјотрес“ – фестивал на независна музика по петти пат во февруари

Во сабота, 4 февруари во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одржи петтото издание на Фестивалот на независна музика „Земјотрес“.

Влезницата за фестивалот чини 150 денари, а на врата ќе се продава по цена од 200 денари. Влезниците ќе бидат пуштени во продажба после 16 јануари.

Земјотрес е музички фестивал на македонските независни дискографски куќи. Инициран од Sixtynine Records, Направи Заедно и ПМГ Рекордингс, тоа е потполно отворен концепт, на кој постојано се приклучуваат релевантни чинители на нашата алтернативна сцена. Токму таа сцена е единствената во Македонија која музиката ја сфаќа и третира како уметност и наше богатство. Ако ова ви се чини разумно и интересно, приклучете се на Земјотрес.

И оваа година како и минатите, освен музичката програма која ќе се одвива на три стејџови, во холот на МКЦ ќе бидат поставени и изданијата на дискографските куќи како и промотивните материјали на бендовите.

Листата на изведувачи ќе биде објавена наскоро.