Заврши „Текстилијадата“ во Штип

Под мотото „Култура за, култура со, култура од текстилните работници“, На 15-ти и 16-ти декември во Штип, се одржа културна манифестација насловена како „Текстилијада“ во организација на Здружението на граѓани на текстилните, кожарските и чевларските работници „Гласен Текстилец“.

Како што велат организаторите, настанот беше отворен со дебатата „Со локални сили заедно за иднината на текстилните работници“ на која присуствуваа претставници од невладиниот сектор, градоначалникот на општина Штип, Благој Бочварски, но не и претставници на работодавците од текстилниот сектор.

Од дебатата „Со локални сили заедно за иднината на текстилните работници“

По овој настан следуваше поетско читање „Животот на текстилните работници“ од ученици од средните училишта во Штип и изложба на студентите од Ликовната академија при УГД – Штип.

„За изложбата беа избрани култни дела од различни епохи а студентите ги преработија и копираа на свој начин, во нив внесувајќи и дел од текстилната иконографија. Вториот ден беше отворен со презентација и дебата на проектот на Хелсиншкиот комитет за човекови права ‘Правно зајакнување на текстилните работнички за самозастапување’ на која присуствуваа текстилни работнички каде преку дебата разговараа за проблемите со кои секојдневно се соочуваат на работните места.

Од изложбата на плакати на Јана Јакимовска „Текст, силна, текстилна“.

Овие проблеми беа прикажани во монодрамата ‘Сонот на обесправените’ полна со емоции и болка, авторката Ивана Грозданова која и самата е текстилна работничка ни го претстави животот на работничките“, соопштуваат  од „Гласен Текстилец“.

По премиерата на монодрамата, Текстилијада заврши со изложбата на плакати на Јана Јакимовска насловена „Текст, силна, текстилна“.

Од Поетското читање „Животот на текстилните работници“

Организаторите изразуваат надеж дека, овој културен настан што е посветен на текстилните работници ќе стане традиција во Штип.

Манифестацијата е поддржана од: Министерство за култура (Нов културен бран) и Фондација Фридрих Еберт, канцеларија Скопје. Партнери на настанот се: Факултет за работи што не се учат и АКТО Фестивал за современи уметности.