Заврши првиот Средношколски фестивал „Три дена култура во Карев“

Со вечер посветена на музиката и уметноста, заврши првото издание на Средношколскиот фестивал во Македонија „Три дена култура во Карев“. Синоќа во скопската гимназија „Никола Карев“ настапија DJ Leon, Симеон Коруновски, Зерина Нушевиќ, Карев Школски, Годо, Cut My Nipple, ТРИ, Spectrum, Beatrix…

 

Истовремено, на дигиталната изложба, своите дела ги изложија пријавените автори и група ученици од средното уметничко училиште.

 

Еден ден претходно публиката ги гледаше театарските перформанси, каде своите амбиции и таленти ги покажаа ученици од „Карев” со неколку претстави: ,,Мудрост во четврт месо”, ,,Импровизација” и ,,Чекајќи го Годо” и учениците од гимназијата „Раде Јовчевски Корчагин“ со претставата ,,Живот во розово”. Учесници беа и членови на Драмското студио ,,Сцена” и членови од Денс Студио Вајб.

„Самиот настан дојде како промена за Карев и за сите што дојдоа. Според мене беше опуштено и не премногу официјално. Воопшто не беше досадно бидејќи се’ беше слободно и размрдано” – вели Елена Костовска, ученичка во Карев и учесничка во една од претставите. Таа додава и дека целиот настан бил иницијатива на учениците од Карев, се подготвувале сами и добиле поддршка од своите професори.

 

Фестивалот почна во средата, со Средношколскиот филмски фестивал на кој победи филмот „Добра ноќ“, во режија на Сергеј Сарчевски.

Ана Илиева и Стефан Митиќ