Започнува петтото издание на филмскиот фестивал „WatchOut!“ во Тетово

Вечерва, во градината на Музејот на на поранешната Комунистичка партија во Тетово, започнува петтото издание на филмскиот фестивал „WatchOut!“, кој ќе се одржува до 27 мај. На годинешното издание се пријавиле 240 автори од 42 земји.

Љубителите на филмот ќе имаат можност да сведочат за најновите филмски достигнувања во различни категории: краток филм, документарен, експериментален и анимиран, велат организаторите.

По процесот на претселектирање, стручното жири во состав Владимир Ангелов од Скопје, Салајдин Салихи од Тетово и Урлиј Вигелман од Германија, избрало 27 филмови кои ќе бидат прикажани во четирите фестивалски денови.

Во категоријата анимиран филм наградена е Вале Комбра Каналес со филмот „Ука“ од Шпанија, во категоријата краткометражни филмови награден е Микел Алварињо, исто така, од Шпанија со филмот „Tunning Oscar“, а во категоријата документарен филм првата награда ја доби Ханис Багашов од Тетово за филмот „Лица“.

„Богата програма за оваа година, присуството на авторите на наградените филмови и разноликата публика од различни делови во светот ќе понуди уникатна, квалитетна и забавна можност за гледачите“, се вели во поканата за настанот.

Фестивалот веќе петта година по ред се финансисра традиционално од Институтот „Гете“ во Скопје, а годинава и со поддршка на Американската амбасада и партнер организацијата од Германија „Вустроу“, но досега без никаква поддршка од централни или од локални власти.

Во случај на неповолни временски услови, проекциите ќе се одржуваат во просториите на ЦБС „Лоја“ во Тетово, информираат организаторите.