Започна снимањето на краткиот игран филм „Чевли“ на Бранко Костески

Започна со снимање краткиот игран филм „Чевли“, во режија и по сценарио на Бранко Костески. Снимањето на филмот ќе се одвива до 29.11.2015 на повеќе локации во Скопје, соопштија од продуцентската куќа Круг филм.

„Чевли” е краток игран филм со жанровска одредница – драма. Протагонистот, Јован во младоста го посведочува нападот врз неговиот татко, од група на тинејџери, и немајќи храброст да се вмеша во тепачката, бега. Дејството на филмот се случува 25 години подоцна, кога таткото на Јован умира и му ги остава чевлите, највредното нешто што го поседувa, и оттогаш неговиот живот се превртува наопаку.

Актерската екипа ја сочинуваат Благој Веселинов, Диме Илиев, Роберт Ристов, Ана Костовска, Григор Јованосвки, Сергеј Димоски, Јаков Спасов и Стефан Петровски.

„Чевли” е во режија на Бранко Костески, директор на фотографија е Дејан Димески, сценограф Кирил Спасески, костимограф Милена Атанасова, шминка Симона Ристевска, композитор Бојан Петков, монтажер Владимир Павловски, а продуцент е Дејан Крајчевски.

Копродуцент на филмот е Факултетот за драмски уметности од Скопје, а финансиски е поддржан од Агенцијата за филм на Р. Македонија.